Од:

Доста беше ропство!

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Една година после срамните аболиции, со кои јасно ја покажа неговата волја верно да го брани криминалот од највисоки размери, Иванов се појави со нови проблематични тези во неговото последно интервју за “Виенер Цајтунг”.

Првата негова проблематична теза се однесува на легитимитетот на новата влада која би се формирала без негов мандат. Каков апсурд! Човекот кој ја носи функцијата Претседател на држава, чија легитимност може и те како да се оспори, има образ да говори за легитимитет на влада која би се формирала според волјата на 700.000 граѓани искажана на демократски избори, и притоа, има храброст да го цитира членот 90 од Уставот, кој член тој лично бесрамно го прегази преку недавање на мандатот после оформено парламентарно мнозинство, што е негова должност според истиот член! За каков легитимитет зборува Иванов?

Легитимитетот на владата не го дава тој, туку го даваат граѓаните на избори. Иванов може да се замислува себеси за апсолутен монарх и суверен на нашата волја, меѓутоа нашиот Устав многу јасно одредува дека суверенитетот им припаѓа на граѓаните и извира од граѓаните а не од Претседателот на државата.

Втората негова проблематична теза се однесува на “телефонскиот повик” кој ја расипа веќе формираната, според него, коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Ако е така, и ако таа коалиција веќе беше договорена, што се случува со т.н. Тиранска платформа која токму Иванов милува да ја посочи како главен аргумент за недавањето на мандатот? Ако имало договорена коалиција тоа значи дека имало и договор за т.н. Тиранска платформа. Ако самиот Иванов така кажува, тогаш како го дал мандатот и се согласил да даде амин и “легитимитет” на таква влада?

Третата и најпроблематична негова теза е следнава: “Ако македонските Албанци сакаат да бидат конститутивен народ во Македонија, тогаш сакаат правото на сопствена држава да го реализираат и овде, без да ги земат предвид државните граници на Македонија.” Епа господине Иванов, треба да знаете дека Албанците како граѓани на Македонија, сакале вие или не, се носители на суверенитетот, како и другите граѓани во оваа земја и преку нивниот избор го пренесуваат својот суверенитет во владата која ја претставува и нивната волја. Какво е тоа право на сопствената држава која ние сакаме тука да ја реализираме? Јас, на пример, сум родена во оваа земја и Македонија е моја држава колку што е и ваша, господине Иванов, без разлика дали тоа вам лично ви се допаѓа или не. Меѓутоа, со кажаното, вие јасно покажувате дека не сте претседател на сите граѓани во оваа земја, туку само на тие за кои сметате дека немаат друга држава, и тоа го определувате според некој ваш неразбирлив критериум.

Не би сакала да аргументирам повеќе за противречностите и апсурдите искажани во тоа интервју. Неслучајно, и Туск откако се сретна со Иванов, повика на постапки кои се основани на здрав разум. Здравиот разум одамна не е дел од начинот на постапување на Иванов, па затоа, било каков “легитимитет” кој тој сака да го спроведе преку своите одлуки е повеќе од спорен.

Ако Иванов со своите изјави, идентични со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, неколку пати за кусо време покажа дека е дел од мафиократскиот систем на владеење во Македонија кој Европската комисија го нарекува “заробена држава”, тоа не значи дека сите институции во оваа држава треба истото да го прават и со своите постапувања верно да го бранат таквиот начин на владеење. Судството е главниот контролор на власта кое не смее да дозволи бегање од кривичната одговорност и заштита на криминалот. Особено тоа не смее да го направи највисокиот суд во земјата, Врховниот суд.

За прашањата кои се посочуваат во рефератите поднесени од старо-новиот претседател на Врховниот суд, во академските кругови веќе подолго време се води дебата. Здружението за кривично право и криминологија веќе неколкупати има организирано советување токму на темата Докажување и доказна постапка во која се изнесени повеќе аргументи во однос на тоа кои докази ќе се сметаат за (не)дозволени во кривичната постапка и како ќе се постапува со нив.

Членот 12 ставот 2 на Законот за кривичната постапка одредува дека “Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење На слободите и правата утврдени со Уставот на РМ, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не може да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.” ЗКП не го интересира начинот на кој се создадени доказите, туку како истите се прибавени. Ако тие се прибавени на законит начин, тие се веродостојни докази во една кривична постапка. Ова многу јасно е одредено во Пресудата на Апелациониот суд на РМ во случајот “Шпион”, каде на страна 33 судот јасно укажува: “Законитоста во поглед на начинот на кој обвинетиот ги создал доказите со неовластено снимање на разговорите со неговите соговорници воопшто не ја доведува во прашање законитоста на истите, бидејќи тие се прибавени на законит начин, согласно одредбите од ЗКП за прибавување на докази.”

Освен во националната судска практика, употребата на неовластено снимени разговори како доказ, е веќе одамна воспоставена пракса во Европскиот суд за човековите права. Преку три важни случаи: Шенг против Швајцарија, Кан против Обединето Кралство и Парис против Кипар, Судот во Стразбург воспоставил пракса која укажува дека фактот што доказите биле создадени на недозволен начин не го повредува автоматски правото на обвинетиот на правично судење, доколку судот ги имал предвид овие три претпоставки: обвинетиот да имал можност да ги оспори таквите докази во главна расправа, судот да имал предвид кое право на обвинетиот е прекршено со тие докази (правото на приватност или некое негово апсолутно право како на пример: забрана на тортура), и судската пресуда да не била основана единствено на таков доказ.

Понатаму, во низа други судски пресуди кои се однесуваат на правото на приватност и на неовластено снимени разговори или фотографии, Судот во Стразбург одредува дека правото на приватност се ограничува со јавниот интерес. Тоа значи дека човек кој со своите постапки извршува дела кои се во спротивност на јавниот интерес не може да се повикува на неговото право на приватност за да се заштити од одговорноста за неговите постапки. Такви случаи се Хановер против Германија (бр. 2), Пек против Обединето Кралство, Армониен против Литванија, итн. Што е уште поинтересно, Судот во Стразбург одредува дека правото на приватност на политичарите и на носителите на јавни функции е поограничено од правото на приватност на обичните граѓани. Тоа е одредено со случаите Инџал против Турција, Кастелс против Шпанија и др. Со други зборови, Европскиот суд за човекови права јасно укажува на јавниот интерес како критериум за одредување на законитоста на доказите и на ограничување на правото на приватност.

Со тоа што Претседателот на Врховниот суд инсистира да се донесе став дека неовластено снимените разговори се недозволени докази, тој оди во спротивност на членот 12 на ЗКП, на домашната судска пракса, како и на праксата на Европскиот суд за човекови права.

Уште поинтересно е како Претседателот на Врховниот суд, кој претходно бил дел од постапувањето на овој Суд по две Барања за заштита на законитоста (БЗЗ) поднесени од СЈО, и притоа, не го спорел правото на оваа Обвинителство да покренува БЗЗ, сега, откако стана претседател, истото право го спори. Јасно е дека Законот за кривична постапка укажува дека БЗЗ поднесува Републичкиот јавен обвинител. Меѓутоа, ЗКП е донесен во 2010 година, кога не постоеше СЈО, а работата на СЈО се регулира со специјален Закон, кој во членот 5 одредува дека Специјалниот јавен обвинител е овластен да презема дејствија и да застапува предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија, и дека има целосна надлежност и овластување независно да започне било каква судска постапка, вклучувајќи граѓанска и кривична, кои специјалниот јавен обвинител ги смета за потребни. Кривичната постапка е една целина и опфаќа повеќе фази. Една од фазите е постапувањето по вонредни правни лекови, каде што спаѓа и БЗЗ. Ако СЈО има право да започне кривична постапка и да застапува предмети, не може тоа да има право само за дел од постапката, а друг дел да се води од редовното ЈО. Кривичната постапка е целина и како таква се води.

Од друга страна, членот 6 од Законот за СЈО јасно одредува дека ова обвинителство е автономно, и дека ниту еден јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот обвинител на Република Македонија, не може да влијае на неговата работа. Републичкиот јавен обвинител Зврлевски, преку поднесеното БЗЗ до Врховен суд со кое го спори законитоста на притворот на Сеад Кочан, директно влијае врз работата на СЈО и ја попречува истата во вршењето на нејзината функција, со што отворено го крши членот 6 од Законот за СЈО.

Законите не се толкуваат граматички, туку телеолошки. Тоа се учи во првата година од правните студии. Законите може да имаат повеќе граматички грешки и пропусти, меѓутоа, важна е целта на нивното донесување. Ако целта беше СЈО да биде спречено во утврдувањето на секој притвор од страна на редовното јавно обвинителство, тогаш истото немаше ни да се формира. Со рефератот на Вангеловски, се сака да се утврди надлежноста на редовното ЈО да покрене БЗЗ за постапките на СЈО. Ако тоа се прифати од Врховниот суд и се постави како преседан, тоа е полошо од помилувањата дадени пред една година од Иванов, бидејќи на тој начин, самиот Врховен суд би ја оспорил автономијата на СЈО и со тоа би задал краен удар на мисијата на оваа важна институција, а тоа е гонењето на криминалот произлезен од неовластено прислушуваните разговори.

И додека Врховниот суд расправа како да постапува по овие прашања, да се потсетиме на најголемиот апсурд: сите овие правни акробации се прават со цел да му се укине притворот на човек кој е во бегство и кој се бара од Интерпол со меѓународна потерница! И тоа не е сé. Знаејќи дека мафијата секогаш работи три чекори понапред, треба да се има предвид дека не е многу важен случајот Труст, колку се важни случаите и притворите кои следат а кои се однесуваат на многу поважни дела и поважни лица. Така, начинот на справување со овој напор кој се прави толку упорно и организирано од страна на Републичкото јавно обвинителство, а синхронизирано со Врховниот суд, а притоа прикриено со испревртените тези на Иванов кој со својата апсурдност го дефокусира вниманието кон некои, само за него видливи, опасности кои доаѓаат од Албанците во оваа држава, е всушност голем тест за работата на Врховниот суд и голема можност да се докаже дека највисокиот суд не е дел од таквите инстинуации и дека може да служи како некаков контролор на ситуацијата одамна излезена од колосек.

Пред повеќе од една година видовме како Уставниот суд покорно се понижи пред волјата на извршната власт со обидот да ги овозможи и така противправните аболиции на Иванов. Сега е ред да видиме во кое ниво на ропство функционира Врховниот суд.

Срамно е да се живее во ропство во 2017 година! Срамно е да нема судови кои своите одлуки не ги основаат во Устав и закони туку во обидот да се заштити криминалот!