Од:

ДР: Вработените во МАПАС незаконски си делеле К15 од 24.000 денари

Вработените во МАПАС си исплаќале регрес за годишен одмор или К15 во висина од 24.000 денари. Ова го откри Државниот ревизор во извештајот објавен денеска. Предмет на ревизија била работата на МАПАС во 2015 година, под водство на Булент Дервиши – претседател на Советот на експерти.

„Исплатен е регрес за годишен одмор во висина од 24 илјади денари, што претставува 60% од просечната нето плата по вработен исплатена во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување“.

Ревизорот констатирал дека МАПАС постапил спротивно на законот кога си ја одредил сумата за К15 и бара да вработените да добиваат регрес за годишен одмор во согласност со законските прописи.

МАПАС или Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување е самостојно и независно регулаторно тело со својство на правно лице и законски делегирани јавни овластувања кое за својата работа одговара пред Собранието. Орган на управување е Совет на експерти, а вработените имаат статус на административни службеници. Финансиските средства за исплата се предвидуваат со Финансиски план кој го одобрува Собранието.

Ревизорите обелоденија дека Советот на експерти извршил измени на Финансискиот план без да го информира Собранието.

„Измените се донесени без да се направи детално специфицирање на намените, па дури и во делот на платите, дополнителни исплати и други надоместоци“, пишува во извештајот.

Државниот ревизор го предупредува МАПАС да преземе мерки за обезбедување зголемена транспарентност, јавност и отчетност во утврдените права и исплатени средства.

Ревизорите исто така откриле и многу неправилности при јавните набавки.

Во една постапка МАПАС без одлука за избор на најповолна понуда склучил договор со фирма. Во три постапки фирмата чија понуда била избрана како најповолна не ги доставила до Комисијата за јавни набавки документите за докажување на финансиската состојба пред да се донесе конечна одлука. Во досиејата на пет постапки не се приложени изјави за спречување на судир на интереси од страна на Комисијата за јавни набавки.



Comments are closed.