Од:

Државата затвора очи пред слепите студенти

Пишува Стефанија Кузмановска, студент

Беира Салифоска е 26 годишна девојка која е потполно слепа. Тоа што не гледа не ја спречило и да работи и да студира, истовремено. Оваа млада девојка веќе осум години работи како физиотерапевтски техничар во Заводот за физикална медицина и рехабилитација и студира на Филозофскиот факултет за специјален едукатор и рехабилитатор. Беира е од Македонски брод. Во Скопје е од својата седумгодишна возраст кога дошла да се школува во државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.

Освен рампи, лицата со попреченост немаат други олеснувања

Од тогаш таа се снаоѓа сама, живее како потстанар и по ништо не се разликува од своите врсници. Се дружи со пријателите,  оди на концерти, претстави, волонтира во Црвениот крст, го посетува Лајонс клубот, следи настава, полага испити на  факултет.

storija1

 

Но, Беира треба да вложи многу повеќе труд во текот на своите студии од останатите колеги бидејќи пристапот до образование за слепите е многу тежок.

„Предавањата ги слушам, не ги снимам и подоцна доколку ми треба нешто се консултирам со колегите. Материјалите кои ми се потребни при студирањето ги нема на Браево писмо. Некои од професорите ги имаат своите книги во електронска форма и нив ги слушам, препишувам и потоа ги учам. Оние материјали кои ги нема ниту во електронска форма, доколку ми дозволат ги скенирам и потоа ги препишувам. Испитите и колоквиумите секогаш ги полагам усно. Кога треба да полагам секогаш се договарам со професорите кои ми излегуваат во пресрет за термини“, ја започнува својата приказна Беира.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ каде што студира, освен со поставување на пристапни рампи, со ништо друго не им го олеснува пристапот до настава на слепите лица и на другите студенти со попреченост. Сепак, за Беира светла точка е тоа што како што вели, барем е ослободена од плаќање на партиципација во текот на студирањето иако за пријавување на испитите плаќа како и другите студенти. Беира вели дека просторот на движење до факултетот и во него не е пристапен за студентите со попреченост.

storija2

„Не само за лицата со оштетен вид, туку и за сите други лица со било каква попреченост треба да се направи напор за да имаат пристап до факултетот. Во врска со материјалите за учење, треба да ја имаме сета потребна литература. Знам дека е многу тешко тоа да се изведе на Браево писмо но сметам дека треба тоа писмо да се применува и употребува. Ако веќе нема услови за Браево писмо барем нека бидат материјалите во аудио форма за да има барем некаков начин студентите со оштетен вид да учат“, вели нашата соговорничка Беира Салифовска.

storija3

Таа раскажува дека на факултет оди со такси во договор со нејзините колеги кои ја чекаат и ја и придружуваат до предавалната. По завршувањето на предавањето тие повторно ја испраќаат до такси за да си оди дома.

Во својот дом Беира нема Брајова машина, не може да си дозволи да ја купи бидејќи е скапа. Се служи со Брајова машина на нејзин пријател која е стара цели 50 години.

Во Заводот каде што работи има неколкумина колеги кои се исто така слепи. Таа вели дека тие не се одлучиле да студираат.

storija7

Како главни причини ги наведуваат проблемот со материјалите кои не се наоѓаат на Браево писмо и несигурноста дали и како ќе се снајдат во средината.

„И мене не ми е лесно, меѓутоа сметам дека за да заврши лице со посебни потреби факултет кај нас треба многу упорност и голема желба“, додава Беира.

Нејзините колеги од факултетот велат дека секогаш кога се во можност сакаат да и излезат во пресрет. Тие и помагаат при движење низ факултетот, и читаат што пишува на известувањата и и диктираат белешки од предавања кои не постигнала да ги запише.

Трудот, упорноста и посветеноста ја водат низ животот

Оваа млада девојка е вистински пример дека ако нешто навистина се сака може да се постигне со многу труд, упорност и посветеност. Во тоа и помагаат нејзините пријатели, колеги и професорите. Образовниот процес во Македонија не обрнува доволно внимание на ваквите млади луѓе кои сакаат да се запишат на студии кои ќе бидат прилагодени и на нивните потреби.

storija5

Од Министерството за образование и наука велат дека студентите со попреченост, без родители, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализираните имаат право на посебни погодности на сите степени на високо образование. Оттаму велат дека правата и обврските студентот на високообразовната установа ги остварува според условите утврдени со закон и статусот на високообразовната установа.

„За заштита на правата на студентите на секој Универзитет се формира студентски правобранител. Високообразовната установа не наплатува партиципација за: лица со прв и втор степен на инвалидност, деца без родители, воени инвалиди, лица растени во домови за напуштени деца. Средствата за партиципација на овие лица, како што велат од министерството се покриваат од Буџетот на Република Македонија“ – велат од Министерството за образование и наука.

Од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје потврдуваат дека согласно Законот за високо образование примените студенти со попреченост на овој универзитет во учебната 2016/17 година се ослободени од плаќање партиципација за студирањето. Исто така, согласно Статусот на Универзитетот овие студенти во текот за студирањето имаат право на дополнителни испитни рокови за завршно оценување.

storija6

На Филозофскиот факултет во Скопје во моментов има еден студент со оштетен вид на втор циклус студии и тројца студенти со оштетен слух на прв циклус студии.

Од Институтот за педагогија на овој факултет признаваат  дека кога станува збор за условите за студирање на слепите лица во нашата држава системски многу малку се прави. Заради ова тие се обидуваат да им помогнат на своите студенти со тоа што ги насочуваат каде може да ја бараат потребната литература или пак каде може да се послужат со некое од техничките средства кои им се потребни. На овој факултет има и лифт за лицата со посебни потреби.

Сепак, најголемиот товар паѓа на семејствата на овие лица. Најчесто членови од семејството ги носат до факултет и потоа ги враќаат дома и им помагаат колку што можат при студирањето.

Од Институтот за педагогија посочуваат  дека во минатото имале студент со оштетен вид кој не бил од Скопје, а неговото семејство се преселило во главниот град само за да може да биде од корист на своето дете при студиите.

storija-4

Олеснителна околност е тоа што Филозофскиот факултет има склучено договор со Министерството за труд и социјална политика за ослободување од плаќање на студиите, но само доколку се процени дека станува збор за хендикеп од прв степен.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека степенот на хендикеп се одредува врз основа на конзилијарно мислење потпишано од тројца лекари специјалисти или врз основа на наод и мислење од страна на првостепена комисија за утврдување на правото за додаток за слепило или мобилност. Ослободувањето од плаќање партиципација е единствената бенефиција која ја добиваат овие студенти од државата.

Во Националниот сојуз на слепи на Македонија велат дека во моментот  има  петмина студенти кои се на студии за физиотерапевти, македонска литература, социологија, право и специјална едукација и рехабилитација. Од таму тврдат дека Националниот сојуз им помага  парично на студентите кои ќе остварат одреден просек без разлика на тоа дали тие ќе добијат стипендија од државата или не.

„Сојузот дава дополнителни средства за оние студенти кои ќе остварат просек. Нашиот просек е понизок од државниот и е околу 8. Оние кои ќе го остварат овој просек добиваат стипендија од 3300 денари месечно од страна на овој сојуз. Исто така се ангажираме и за оние книги кои не се достапни во електронска форма, а им се потребни на студентите при студирањето. На барање на студентите, членови од овој сојуз ги снимаат овие книги во аудио форма во просториите на Националниот сојуз“, велат од Националниот сојуз на слепи.

Хрватска е недостижен пример  

За разлика од Македонија каде што на слепите студенти не им е овозможено ниту она што им е најнеопходно, во Хрватска слепите лица се рамноправни со сите други студенти во високото образование. Министерството за наука, образование и спорт финансира проекти за приспособување на литературата за слепи и за студенти со оштетен вид. Со развојот на посебно адаптираните компјутерски технологии за слепите, како и со развојот на технологијата општо, се подобруваат и условите за работа на слепите лица. Поради тоа се поголем број млади се одлучуваат да студираат. Техничката опрема која им е потребна се наоѓа во посебно адаптираните предавални на универзитетите.

Филозофскиот факултет во Загреб има долгогодишно искуство со прием на студенти со оштетен вид. Голем е интересот за студирање јазици, филозофија и историја, а некои од нив кои завршиле Правен факултет успешно работат во адвокатски канцеларии. На Универзитетот во Загреб каде што студираат повеќе од 75000 студенти, околу 380 се со инвалидитет.

За да им се обезбеди на студентите со инвалидитет еднакво право на пристап во образованието, Универзитетот во Загреб основал „Кабинет за студенти со инвалидитет“ како референтен центар во кој студентите можат да добијат потребните информации, а им нуди помош при решавање на проблемите кои можат да се појават во текот на студирањето.

Министерството им дава паричен надомест на редовните студенти со инвалидитет кои што ги исполнуваат условите за да ги покријат дел од трошоците за превоз.

Токму поради ваквите крупни разлики меѓу условите во образовниот систем во Македонија и  Хрватска и другите развиени земји, државата треба да вложува во овие млади луѓе кои се желни за знаење. Многу од реформите нашата земја ги има преземено од Хрватска, но во оваа област затајува.

И додека Македонија тапка во место, младата Беира успева да ги надмине сите препреки со желба да стане високо образувана граѓанка на оваа држава.

storija8

Беира ги охрабрува сите кои навистина имаат желба да се запишат на факултет да го направат тоа и да не се откажуваат. Да се борат за подобри услови за себе и за другите бидејќи ако самите не се ангажираат околу тешкотиите кои ги имаат при студирањето никој нема тоа да го направи за нив. На потег се институциите и државата чија обврска е да им го направат достапно образованието на слепите студенти.

*Сторијата е изработена во рамки на Проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Британската Амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на ЕУ и на Британската амбасада