Од:

ДС: Парламентарното мнозинство да биде од партиите кои се за промени

Мнозинството од гласовите се за промени, ако се земе во предвид дека гласачите се изјасниле во корист на опозициските партии, реагира Демократскиот сојуз.

– Парламентарните избори покажаа огромна поделеност на граѓаните, при што мнозинството се за промени, односно 612.000 граѓани гласаа за партиите од опозицијата, се вели во соопштението на партијата.

Демократскиот сојуз оценува дека нема потреба од натамошно продлабочување на кризата, преку протести и притисоци врз ДИК, туку по прогласување на конечните резултати, да се конституира новиот состав на Парламентот и формира парламентарно мнозинство од најмалку 62 пратеници од партиите и пратеници кои се за промени, како предуслов за избор на нова Влада.

– За ваквата новонастаната нестабилна состојба одговорност имаме сите, поради што повикуваме на воздржаност и разумно однесување и прифаќање на Платформа за помирување помеѓу левицата и десницата, порачува партијата која ја предводи Павле Трајанов.

Оттаму забележуваат дека во изборниот процес биле присутни закани и притисоци од владејачките партии, без механизми за евидентирање и спречување на злоупотребите и кршење на изборните правила.

Оттаму додаваат и дека слабата поддршка на партиите и коалициите од центарот, се јасен сигнал дека сеуште нема простор за демонтажа на „еднопартизамот“, што е диктирано и од тоа што Македонија е поделена на шест изборни единици, а не една која ќе генерира плурална власт.