Од:

ДУИ поднесе иницијатива до Уставниот суд

Партијата на Али Ахмети поднесе Иницијатива до Уставниот суд  за поништување на Одлуката за самораспуштање на Собранието, потврдија за НОВА од ДУИ. Оттаму не споделуваат детали за ваквиот чекор, иако уште вчера најавија дека ќе иницираат враќање на Собранието.

Лидерот на партијата Али Ахмети, утринава по средбата со германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, рече дека консултираат домашни и странски експерти во врска со тоа како може да се врати Собранието во функција.

Тој рече дека го известил Хајндл дека во моментов нема услови за одржување на изборите на 5 јуни.

– Со Хајндл разговаравме за политичката криза, како и за Договорот од Пржино. ДУИ ги претстави своите ставови за решавање на политичката криза. Во однос на изборите на 5 јуни, сметаме дека не би било добро да се одржат поради имиџот на нашата земја. Бараме начини за да може повторно да се свика Собранието на Република Македонија. Го информиравме Хајндл дека ние ги преземаме сите мерки, во согласност со консултациите со правните експерти од земјата и од странство, за Собранието повторно да се стави во функција. Кога ќе проработи тоа, ќе се отворат многу други прашања – изјави Ахмети.

Во меѓувреме реагираа и од Демократскиот сојуз на Павле ТТрајанов, кој поднесе Иницијатива до Уставен, уште кога Собранието изгласа распуштање со одложено дејство во јануари годинава. По ова прашање, тогаш Уставниот суд ја отфрли Иницијативата.

„Постапувајќи по  оваа иницијатива, Уставниот суд на 18.02.2016 година донесе решение со кое ја отфрли иницијативата, прогласувајќи се дека не е надлежен да одлучува по одлуката на Собранието на Република Македонија за негово самораспуштање.

Имајќи го во вид ова, сметаме дека повторните обиди, Уставниот суд, да донесе одлука за поништување на Одлуката за самораспуштање на Собранието е само губење на време. ДС укажува дека, согласно Уставот на Република Македонија (член 66 став 1) и Деловодникот за работа на Собранието на Република Македонија (член 5 став 1), Собранието е во постојано заседание, а мандатот на пратениците трае од денот на верификување на нивниот мандат до денот на конституирање на Собранието во нов состав и верификација на мандатот на новоизбраните пратеници (член 15 став 4 од Изборниот законик).

ДС оценува дека постојат Уставни и Деловнички можности да се свика итна седница на Собранието на Република Македонија, на барање на најмалку 20 пратеници.

Такво барање е веќе доставено до претседателот на Собранието на Република Македонија на 14.04.2016 година.“ велат од Демократскиот Сојуз.