Од:

Два месеца доцни исплатата за трето дете, посебен додаток и туѓа нега

Два месеца доцни исплатата за трето дете,  посебниот додаток за децата со посебни потреби, туѓа нега за возрасните. Со ваква реакција се јавија во НОВА родители на деца со посебни потреби кои тврдат дека со доцнењето се загрозува здравјето на нивните деца бидејќи немаат пари за лекови, за медицински прегледи, витамини.

“Веќе два месеца не сме добиле посебен додаток кој изнесува 4300 денари. Еве, почнува и третиот месец, пари немаме добиено, а јас морам да ја носам ќерка ми на лекарски преглед во Скопје“, изјави за НОВА Анче Николова Туфекџиева  од Струмица, мајка на девојче со Даунов синдром.

Родителите велат дека секоја година имаат вакви проблеми, им бараат обнова на документите, процедура за која што велат дека не е потребна бидејќи дијагнозите се трајни и категоризирани до 18 години, со што се губи време и се прават дополнителни трошоци.

Кате Толевска од Битола е мајка на 10 годишно девојче кое е потполно глуво. Таа два месеца нема добиено посебен додаток за неа, ниту пари за трето дете. Толевска смета дека додатокот не само што е многу мал, туку и доцни.

„Многу е мал додатокот, ние имаме трошок за батерии кои постојано с е менуваат, месечно плаќаме 12 000 денари за логопед. Апаратот кој оди на товар на Фондот за здравство не добар за дете во развој, така што и него купуваме 500 евра,“ објаснува за НОВА, Толевска.

Таа смета дека нема потреба од обнова на документите  бидејќи оштетувањето на слухот е трајно.  Родителите кои имаат трето дете велат дека се изложени на малтретирање и непотребни трошоци бидејќи на самохраните мајките им барале документи заверени кај нотар дека не им е одземено мајчинското право.

НОВА, се обиде да дознае до каде е со исплата  на средствата бидејќи родителите биле информирани дека процедурата е стигната до Министерството з а финансии, но од таму одговорија дека никакви налози за исплата не се стигнати од Министерството за труд и социјала.

Од ова Министерство пак, денеска информираа исплатата на посебниот додаток доцнела заради обновата на документација.

„Во моментов веќе се започнати исплатите и во наредните денови на  корисниците на  правата ќе им пристигнат средствата на нивните сметки“, се вели во одговорот од Министерството з а труд и социјала.