Од:

Две години од Диво Насеље: Се уште е тајна кој ја жртвуваше полицијата

Денеска се навршуваат две години од настаните во кумановската населба Диво насеље, кога во акција против вооружена група загинаа осуммина припадници на безбедносните сили, а 37 беа повредени.

Терористичката група броела четириесетина членови, од кои во борбите со полицијата убиени се 10 членови. По борбите, на полицијата ѝ се предадоа 28 лица. Како водачи на групата се идентификувани Мирсад Ндрецај  и  Бег Ризај кои се меѓу убиените, Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху.

И две години подоцна, има повеќе верзии за она што се случувало на 9 и 10 мај 2015 година. Според една верзија, полицијата реагирала да неутрализира терористичка група која неколку месеци претходно веќе ја запоседнала кумановската населба и делувала како паралелна вооружена формација.

Според друга верзија, зад акцијата стои сценарио за одвлекување на вниманието на јавноста од „бомбите“ кои во јавноста почна да ги објавува опозицијата, а кои говореа за корупцијата во власта.

Судскиот процес започна на 9 февруари, минатата година. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвиненија против 37 лица (29 уапсени непосредно по борбите со полицијата и 8 кои подоцна беа обвинети како логистика на групата), за кои тврди дека има доволно докази дека се виновни за тероризам и терористичка организација, и толку.

Обвинетите ги отфрлија тврдењата на обвинителството и сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар, а дел од нив рекоа не биле дојдени во Куманово да војуваат и дека биле искористени за политички цели.

Речиси половина од судскиот процес за настаните во Диво Насеље се одвиваше зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена од рочиштата на кои се сослушуваа заштитени сведоци, меѓу кои и припадници на полициските сили.

Два дена по настаните, тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска си поднесоа оставки.

Судската постапка е во тек, но повеќето обвинети тврдат дека се невини и дека станува збор за политички монтиран процес.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев неодамна во интервју за српски Курир, говорејќи за настаните во Куманово, рече дека има индиции з авмешаност на високи структури во настаните, но рече дека тоа се само индиции и најави меѓународна истрага. Тој се повика на дел од разговорите што ги има во бомбите, а кои не беа објавени во јавноста.



Comments are closed.