Од:

Двојниот аршин на полицијата на 5 мај 2015 и 27 април 2017 година

Првата фотографија е сликана на 5 мај 2015 година пред Влада – Втората фотографија е сликана на 27 април 2017 година во Собрание

Поминаа точно две години од протестот пред влада, во кој полицијата тепаше новинари и демонстранти. Специјалните полициски сили го штитеа празниот објект на владата, по кој демонстрантите фрлаа со јајца, домати, зелка и пластични шишиња.

Иницијална каписла за протестите за пад на владата на ВМРО-ДПМНЕ беше „бомбата“ во која се слуша како ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот портпарол на МВР, Иво Котевски се обидуваат да го прикријат убиството на 22 годишниот Мартин Нешковски, кое се случи на прослава на ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот Македонија, на 6 јуни 2011 година.

По повик на семејството на Нешкоски, на 5 мај 2015 година граѓани и активисти побараа правда и одговорност со мирен протест пред седиштето на Владата на Република Македонија. Тие отворено побараа оставка од Владата. Собирајќи се во огромен број, од неколку илјади, за кус период, демонстрантите ја фатија полицијата неподготвена. Во даден момент, тие успеаја да ја преминат оградата, но останаа ненасилни.

Како реакција на ова, за кусо време беше пратен огромен број на специјални полициски единици. Беа донесени оклопни возила и водени топови за застрашување и во растерувањето на демонстрантите беше употребена прекумерна сила. Специјалните полициски сили удираа невооружени и мирни демонстранти. Ги бркаа низ улиците на градот, далеку од периметарот на Владата. Беа тепани и апсени луѓе без причина. Беше извршен насилен упад во градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Во групата демонстранти беа уфрлени и провокатори, кои во тензичните моменти, провокаторите почнаа да фрлаат предмети кон полицијата, што беше искористено како повод за напад на мирните демонстранти и насилно задушување на протестот.

За разлика од овој протест, сликата од пред една недела пред и во Собранието беше сосема различна. Насилници влегоа во Собранието додека се гласаше за нов претседател на Законодавниот дом. Полицијата која беше присутна во многу мал број не го спречи нападот. Вратата од Собранието ја отворија пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Насилниците тепаа пратеници, обезбедување, полиција и новинари. Имаше и обид за убиство на пратеникот од Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Полиција дојде дури откако пратениците беа истепани и со тешки повреди.