Од:

Е, мој друже македонски

 

Сега е време да почнеме да го славиме Груевски, името негово, Николово, како да е име Господово.

Сега е всушност вистинското време да ги нарачаме сите можни величествени споменици со неговиот лик и стас, да ги поставиме на централно место во нашите дневни соби, а поголемите патриоти тоа треба да го сторат и во своите спални соби. Најголемите татковински синови и ќерки би морало,  би било must, да бидат докрај негови и да забијат еден барокен столб со неговото лице и стас и во купатилото.

Додека влегуваат во оваа одаја, сите потреби да станат свечен чин, но да бидат нагледувани од човекот кој тврди дека ги создал и сега се заканува дека се ќе уништи, криејќи се под плаштот на Татковината, додека затворот го навјасува.

Сега е навистина идеалното време да не му го вртиме грбот на Груевски, тогаш кога сме му најпотребни, кога му виси сето она што го создаваше повеќе од деценија. Стравот со помош на кој владееше, над се.

Стравот со кој сееше и ги ладеше коските на сите останати, таа топлина која ја чувствуваше кога ќе го видеше замрзнатиот поглед од другата страна.

Сега е совршеното време да му се даде телото и душата на господарот, како никогаш порано. Да му се поклонат, да му коленичат, да му се подадат како жртва по којзнае кој пат, затоа што само така знаат да живеат и подготвени се така и да умрат.

Но, полека, полека. Има и друг дел оваа приказна.

Сега е исто така погоден момент да се стави на столбот на срамот Заев, кој со месеци не прави ништо што би влегло во воените читанки, за да ги тргне кошмарните спомени на Груевски од нашите сништа.

Сега она што е најпожелно е да биде Заев овековечен како задишано и во трк бега, додека сите ние го бркаме со стапови, вили и по некој комбајн дигнат од Тврдокорните, затоа што операцијата спас ја води тивко, мирно, нечујно и предолго, безобразно долго. Да праша некои од нас, би одбрале набрзина да се испоубиjат, заколат, да се решат на средновековен начин, согласно животот кој го водиме во оваа запустена земја.

Веројатно затоа и постојат одговорни политичари, но немојте сега за тоа. Дајте да го решиме најпрвин Заев, кој одбива да разговара со другата страна на нишан, но оној вистинскиот нишан, оној од кој навистина се убива и умира, оној за кој цинично пееше Јура Стублиќ во “Е, мој друже београдски” и кому му одговори Бора Чорба, со “Е, мој друже загребачки”.

Оваа песна одвратно отсекогаш звучела, сигурна сум дека на македонски никогаш никој не би посакал да ја слушне.

Но, дајте, дајте да го исмееме баш за тоа Заев, тој нема завиено околу половината кама и пиштол, тој  чека, толку долго чека мирен трансфер на власта, што сите воинствени повици во  македонска верзија не можат да го поднесат тој мртовечки мир.

Ако за Груевски се размислува да биде подигнат споменик најмалку 10 метри, тогаш Заев би заслужил една мала, ништовна кукла, која ќе служи за потсмев и гласно исмевање, во секој момент кога ќе ни се посака.

Она што тој сака да го стори со пенкало и во мир, а не со пушки и жртви, мора да биде казнето со поставување на парталави кукли на сите ќошиња со неговиот лик, кои би се шутирале доволно далеку да го погодат насред лице и земјосаат.

Да падне на земја и не стане, за да се појави некој нов херој качен, но не на комбајн, туку директно на тенк, како го развиорил знамето и говори дека народот ќе пресуди и ќе одговори. Онака како што сега говори Груевски, иако какво разочарување е ова за него-  од другата страна не се вадат луѓе, затоа што тие после тоа, тие никогаш нема да се разминат.

Тие во таков случај нема да се промашат, како да не знаат едни за други, како да се невидливи. Војната не знае за такви правила, да се правите дека никого не гледате пред вас, за да ги замолчите засекогаш лидерите кои ве пратиле во војна, да ги засрамите и да ги одбиете, затоа што сте одбрале слепило за омразата.

Затоа, паролата “подобро ужасен крај, отколку ужас без крај” е се што мора да се заборави, во нашиот, во овој случај, кога само мирно разрешување на кризата смее да биде опција. Колку и смешно, наивно и аматерски за некого да звучи она “со пенкало, а не со крв”- тоа е единствениот можен начин и нашиот најдобар избор.