Од:

Едно долго „возење“: Во потрага по фирмата што го доби тендерот на ЈСП

Она што на почетокот се чинеше лесна задача, се претвoри во вистински предизвик. Како изгледаше потрагата  по „Гентомар“ – компанијата која го доби тендерот за продажба на електронски билети во ЈСП.

Кога на 1-ви јануари Јавното сообраќајно претпријатие објави дека повеќе нема да важат старите хартиени билети, туку само новите електронски картички, многу граѓани помислија дека конечно наплатата во скопскиот јавен превоз ќе почне да функционира на модерен начин.

Но, новата технологија наместо да ја упрости, ја усложни наплатата и создаде револт кај патниците. Само што започна да функционира новиот систем на наплата во градските автобуси, граѓаните веќе се жалат дека се соочуваат со бројни проблеми при купувањето билети.

„На електронската картичка имав уште две возења, но кога влегов во автобусот ми покажа дека немам веќе билети на располагање“, вели еден од граѓаните кој се жалеше на услугата на ЈСП на Фејсбук.

Електронските картички не можат да се купат секаде, а ги нема во сите автобуси. Не постои можност да проверите ниту колку возења ви останале на картичката, се жалат дел од патниците. Граѓаните протестираат на ФБ страницата на ЈСП на којашто се напишани многубројни поплаки.

НОВАТВ тргна во потрага по одговори од одговорните во ЈСП. Нашите прашања беа едноставни – на што се должат проблемите и дали ЈСП може системот да го направи фунционален за граѓаните. Чекајќи два дена на одговорите оттаму, решивме да поразговараме и со оние  кои ги изработуваат картичките и оние кои го изработија системот на наплата. Иако, компанијата изработувач не е одговорна за начинот на кој ЈСП ги продава билетите, сметавме дека можеби тие ќе дадат корисен предлог како ЈСП да им го олесни секојдневието на корисниците на јавниот превоз.

Но она што се чинеше лесна задача на почетокот, се претвори во вистински предизвик. Потрагата  по „Гентомар“ – компанијата која го доби тендерот за продажба на електронски билети во ЈСП отвори прашања и за доделувањето на тендерот.

„Гентомар“ е тешко е да ја се пронајде на Интернет, преку телефон како и на адресите кои за неа се достапни во Централниот регистар и Електронскиот систем за јавни набавки.

Барајќи ја „Гентомар“ – од продавница за миленици до салон за убавина

Силен мирис се шири уште при отварање на вратата од познатиот „Пет-шоп“ кој се наоѓа на адресата „Франклин Рузвелт 4 лок. 5“. Повеќе зајчиња и хрчаци, заедно со уште две вработени не дочекаа на оваа адреса, каде ја почнавме потрагата по компанијата „Гентомар“, која пред околу една година го добила тендерот за продажба и надополнување на електронските билети за наплата во ЈСП.

„Ние сме тука со години, не знаеме која е фирмата, на оваа локација сме само ние“, ни кажаа вработените. Сепак, токму ова е адресата која стои на Електронскиот систем за јавни набавки како адреса каде може да се најде носителот на набавката „ГЕНТОМАР ДООЕЛ Скопје“.

Како нивно седиште во основачкиот акт од Централниот регистар се појавува уште една адреса во една зграда во Капиштец. Наместо компјутерска компанија, таму се наоѓа салон за убавина. „Тие беа тука до неодамна, но се преселија. Мислам дека сега се наоѓаат во „TDK компјутерс“, веројатно таму им се новите канцеларии“, ни рече жената која ни ја отвори вратата од козметичкиот салон.

Тргнавме да ја најдеме и третата адреса каде можеби се наоѓа компанијата која е задолжена за големата новина во градскиот превоз на главниот град Скопје. Во познатата компјутерска компанија  „TDK компјутерс“ вработените не информираа дека ја знаат компанијата „Гентомар“, но сепак тие не се дел од нивните канцеларии. Не ни дадоа контакт од некој надлежен во „Гентомар“, туку инсистираа да го оставиме нашиот телефонски број со ветување дека тие ќе го пренесат за да не контактираат.

Кратко по нашата неуспешна потрага по адресата на мистериозната компанија, ни се јави на телефон жена која се претстави дека е вработена во „Гентомар“. Не информираше дека таа не може да дава изјави за медиуми, но дека од компанијата ќе не контактираат во текот на денешниот ден. До објавата на оваа сторија се уште не добивме повик од компанијата која ќе одговори на прашањата на НОВА за проблемите со новиот систем за наплата во градскиот превоз.

Тендерот кој Гентомар го добила чини околу 150 илјади евра и критериумот заради кој е избрана компанијата била најниската понудена цена. На тендерот имало две понуди.

Сопственикот на „Гентомар“ занаетот го „печел“ кај Пулејковски

Трагајќи по сопствениците на компанијата, во документите за сопственоста излезе интересен детаљ, кој го поврзува името на сопственикот со имиња кои беа вклучени во еден од најголемите скандали од времето кога министер за финансии беше Никола Груевски – Националната платежна картичка.

Според податоците од Централниот регистар, сопственик на компанијата „Гентомар“ е Боби Кузмановски, фирма формирана во март 2014 или 15 месеци пред доделувањето на набавката од  страна на ЈСП.

Кузмановски по професија е професор по физичко воспитување. НОВАТВ открива дека претходно Кузмановски бил вработен компанијата  „Бизнис инвестмент груп“ – компанија во сопственост на Стефан Пулејковски и Благој Јовчевски.

Пулејковски заедно со Дарко Дулиќ (син на експратеничката Благородна Дулиќ) во 2002 година го доби бизнисот за Националната платежна картичка во вредност од три милиони евра, каде шеф бил тогаш министерот за финансии, Никола Груевски. Директор на НПК, пак,беше Владимир Мијалков, братучедот на Груевски кој денеска е советник на директорот во Царината. Во 2004-тата државните ревизори констатираа дека постои можност опремата за Националната платежна картичка воопшто да не била испорачана, додека компанијата „Виста Процесинг“ само една година откако го добила милионскиот бизнис отишла во стечај.

Груевски во времето кога беше министер за финансии во Владата на Георгиевски. Фото: Фокус

Националната платежна картичка стана голем скандал во тоа време и прв случај на тазе формираната Антокорупциска комисија. Случајот никогаш не доби завршница и до денеска не е познато каде завршија парите дадени за НПК. Сепак, Пулејковски и понатаму продолжи да ги шири своите бизниси – најмногу во сферата на ИТ и електронските услуги. Неговите компании со години добиваат тендери особено за правење и одржување на електронските системи во институциите.

ЈСП: Покрај Гентомар, и Телеком во електронскиот систем за наплата

Од ЈСП Скопје за НОВА велат дека тие освен со „Гентомар“ склучиле договор со Македонски Телеком во обезбедувањето на новиот систем на наплата на билети во автобусите. Договорот пак со фирмата Гентомар, според нив има за цел да ја прошири продажната мрежа на ЈСП СКОПЈЕ и да овозможи продажба и надополнување на електронски билети на минимум назначените локации во техничката спецификација. „Во претходна координација со ЈСП СКОПЈЕ може да се овозможува продажба и на други локации освен дефинираните. Согласно истата набавка ЈСП СКОПЈЕ освен своите продажни места кои ги има на 32 локации, моментално врши продажба и надополнување и на дополнителни 52 локации низ Градот Скопје“, велат од ЈСП.

Продолжува…



11 Trackbacks & Pingbacks

  1. Нова ТВ | ЈСП пак ќе прави измени со билетите од следниот месецНова ТВ
  2. Нова ТВ | Каде лежат проблемите кои создадоа хаос во е-наплатата на ЈСПНова ТВ
  3. Нова ТВ | Директорот на ЈСП не знае каде е фирмата избрана за е-картичкитеНова ТВ
  4. Нова ТВ | ЈСП: Новиот е-систем функционира скоро беспрекорноНова ТВ
  5. ДоказМ.мк – Директорот на ЈСП не знае каде е фирмата избрана за е-картичките
  6. Нова ТВ | ЈСП ја крие тендерската документација за „Гентомар“Нова ТВ
  7. Нова ТВ | ЈСП ја крие тендерската документација за е-билетите во автобуситеНова ТВ
  8. Нова ТВ | ЈСП крие документи од тендерот за е-билетите во автобуситеНова ТВ
  9. Нова ТВ | Тендер за автобуски картички по мерка на ТелекомНова ТВ
  10. ДоказМ.мк – ЈСП КАРТИЧКИТЕ ПО МЕРКА НА ТЕЛЕКОМ – НА ОТВОРАЊЕТО НА ТЕНДЕРОТ НЕ СЕ ПОЈАВИ ПРЕТСТАВНИК ОД ТЕЛЕКОМ!
  11. Нова ТВ | „Гентомар“ повторно го доби тендерот од ЈСП од 380.000 евраНова ТВ

Comments are closed.