Од:

Еко проект: Англиски петтолигаш ќе гради стадион од дрво (Видео)

Англискиот нисколигаш Форест Грин досега беше познат во фудбалскиот свет како прв клуб што служи исклучиво веганска храна за навивачите и играчите што за разлика од вегетаријанската не содржи месо и јајца. Но, од сега ќе биде познат и како прв еко клуб на планетата. Челниците на петтолигашот од Глочестершир најавија нов стадион што ќе биде целосно изграден од дрво.

Форест Грин е првиот вегански клуб во светот. Пред пет години исфрли хамбургери и пиво како содржина што се нуди на штандовите во и околу стадионот по што воведе веганска исхрана за навивачите, играчите и персоналот. Сега оди чекор напред и ќе гради стадион од дрво.

Натпреварот за идејно решение траеше седум месеци. На конкурсот победи дизајнерската компанија „Заха Хадид Архитектс“ чиј еко проект ќе чини 120 милиони евра и ќе опфаќа еко парк со дрвен стадион со капацитет од 5.000 седишта како негова централна содржина.

„Посебноста на нашиот нов стадион е што целосно ќе биде изграден од дрво. Тоа ќе биде прв таков објект во светот. Почнавме со празен лист, го полневме со идеи и тргнавме во реализација на замисленото. Ќе градиме дрвен стадион. Ќе имаме „најзелен“ стадион во светот“, рече Дел Винс, претседател на Форест Грин.

Компанијата „Заха Хадид Архитектс“ што победи на конкурсот на Форест Грин ќе биде вклучена и во изградба на еден од петте стадиони за потребите на Светското фудбалско првество во Катар во 2022 година.

„Ќе направиме навивачите да бидат на пет метри од теренот. Секое столче ќе има совршен поглед на тревникот“, истакна Џим Хеверин, директор на дизајнерската компанија.