Од:

Експертите на УНЕСКО во инспекција на Охрид

Група експерти на УНЕСКО од денеска се во Охрид каде што вршат увид на повеќе проекти што се во тек или кои се планирани да се реализираат.

Експертите на УНЕСКО најпрво го посетиле Националниот парк Галичица, каде разговарале со раководството на јавната установа, но и со претставници на владата. Неофицијално, во НП Галичица се врши увид во однос на два проекти планирани за реализација: експресен пат до Свети Наум и зимски ски-центар на Галичица.

За утре е планирана посета на комплексот во изградба на Универзитет „Св. Климент Охридски“ на Плаошник.

На крајот од престојот, експертите треба да се сретнат со стручните лица и со раководството на Завод и музеј во Охрид, со претставници на локалната самоуправа, но и со невладините еколошки асоцијации.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40. седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.

Според експертите, поради владините проекти Охрид би можел да се најде на црната листа на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО што е само еден чекор до губење на овој статус. Спорните планови се изградба на експресниот пат до Свети Наум кој би поминувал низ Националниот парк Галичица, трите туристички развојни зони, како и ски центарот на планината.

НОВА ТВ пред две недели беше во Охрид, каде направи репортажа за најавените проекти, за кои еколозите предупредуваат дека може да предизвикаат еколошка катастрофа, а Охрид е во опасност да го загуби имиџот на град под заштита на УНЕСКО.