Од:

Екстрактот од канбис ќе го има по обуката на лекарите

Екстрактот од масло од канабис кое ќе се користи за медицински цели ќе го има во аптеките по завршување на обуката на лекарите, за начинот како треба да го препишуваат и дозираат. Обуката е во тек и ќе трае цел јуни, а ја вршат двајца лекари од странство.  Ова масло ќе се издава исклучиво на лекарски рецепт  и во себе ќе содржи повеќе од 0,2 проценти ТХЦ. Ова за НОВА го потврди Марија Дарковска-Серафимовска директорката на Агенцијата за лекови.

„Во тек е обука на лекарите која ја водат двајца лекари, едниот од Шпанија, а другиот од Канада. Обуката ќе продолжи во текот на цел месец јуни така што ќе дојдат и други лекари од странство, а не е исклучена можноста и да се оди во посета на нивните клинички центри. По завршување на обуката екстрактот од маслото од канабис ќе го има во аптеките и ќе се издава исклучиво на лекарски рецепт. “, изјави за НОВА, Дарковска-Серафимовска.

Таа нагласи дека лекарите знаат и во овој момент како да ги препишуваат препаратите, но континуираната едукација мора да продолжи во интерес на следење на позитивните искуства.

Од вчера во аптеките се појави масло од канабис кое може да се купи во слободна продажба. Овој препарат на база на канабис има помал процент на психотропна супстанца(помалку од 0,2 проценти) и се употребува како додаток на конвенционалната терапија.

Дарковска-Серафимовска вели дека ова масло освен хранливата вредност има одредени лековити својства кои се точно назначени во внатрешното упатство. Овој препарат по состав се разликува од оној кој ќе се издава на лекарски рецепт, односно кој ќе има поголем процент на психотропна супстанца.

И за ова масло одобрение издава Агенцијата за лекови (МАЛМЕД). Упатените во проблематиката велат дека може да помогне кај состојби на стрес, анксиозност, депресија, гадење и подобрување на имунолошкиот систем на организмот.

Што се однесува пак до екстрактот, препаратот ќе се употребува по препорака на специјалист. На почеток ќе се користи за третман на хронична болка, кај карцином, мултипла склероза, некои типови на епилепсија и кај болни од ХИВ за зголемување на имунитетот.

„Екстракстот од масло од канабис ќе може да го препишуваат и матичните лекари по препорака на специјалисти кои ги лечат пациентите. Болеста треба да биде дијагностицирана и соодветно третирана“, велат во Агенцијата за лекови.

Во моментот само фармацевската компанија Реплек имала поднесено барање за добивање на одобрение за производство на овие препарати. Во Агенцијата велат дека компанијата ги исполнува законските услови во однос на простор, опрема и кадар и веќе и било издадено одобрение за производство.

„Интерес за производство на екстракти постои и од страна на други домашни и странски компании, така да очекуваме во блиска иднина со вакви дозволи да се стекнат и повеќе правни лица, изјави Дарковска-Серафимовска за НОВА.

Маслото кое го има во слободна продажба е по цена од 2500 денари( 5 процентно ЦБД) и 2800 денари(7 процентно ЦБД) , се продава во пакување од 10 милилитри. Како што најавија од Агенцијата, екстрактот од масло на канабис со поголем процент на психотропна супстанца, се очекува до крајот на јуни да се најде во аптеките.