Од:

ЕЛЕМ го раскина договорот за РЕК со „Бабког“, можна е тужба во Париз

Кога Македонија во 2012 година се задолжи со кредити за да ја плати инвестицијата од 80 милииони евра за модернизација на котлите во РЕК Битола, раководството на ЕЛЕМ  и тогашниот вицепремиер за финансии, Зоран Ставревски, објаснија дека оваа инвестиција е нужна во енергетскиот сектор. Ангажираа германска компанија која што требаше да ја работи модернизацијата, а сето ова се правеше за да може котлите со помалку јаглен да обезбедат поголема моќност, а истовремено да ја намалат потрошувачката на мазут во процесот на производство. По пет години Македонија увезува струја повеќе од било кога, блоковите работат со постојани прекини и испади, модернизираните блокови произведуваат помалку струја и користат повеќе мазут. Згора на се, на земјава и се заканува тужба од германската компанија бидејќи ЕЛЕМ го раскина договорот со нив. Но како се случи оваа голема инвестиција да заврши со вакви последици.

Милиони во ветер, хаос во РЕК Битола

Големата реконструкција на блоковите во РЕК Битола, која требаше да придонесе за повеќе работни часови на термоелектраната може да заврши на Меѓународниот суд за арбитража во Париз откако ЕЛЕМ го раскинале договорот со компанијата „Бабкок Борсиг“, дознава НОВА од неколку независни извори.  Наместо поголемо и поквалитетно производство на струја, покрај веќе платените пари  за реконструкција, Македонија можеби ќе треба да и плати на германската компанија „Бабкок Борсиг“ отштета поради откажаниот договор за реконструкција и на првиот блок од РЕК.

Од ЕЛЕМ потврдуваа дека го раскинале договорот, но велат дека досега не добиле тужба. Но се чини дека македонските Електрани се подготовуваат и за вакви процеси во иднина, па во јули минатата година потпишаа договор со француската адвокатска компанија „Curtis, Mallet-Prevost, Colt & Mosle LLP “ вреден 2,5 милиони евра. Според досегашната пракса на ЕЛЕМ, договор со странска адвокатска компанија се склучува само кога има потреба од меѓународна арбитража. Нашата редакција тогаш испрати прашања до ЕЛЕМ, но од таму не ни одговорија конкретно, туку ни кажаа дека договорот е склучен за секој случај.

„Досега само еднаш е ангажирана странска адвокатска компанија за арбитражен спор. Тој се однесува за услуга за застапување пред меѓународна арбитража во врска со спорот со фирмата РИКО од Словенија. Постапката за избор е  спроведена во согласност со Законот  за јавни набавки“, велат од ЕЛЕМ.

Од ЕЛЕМ тврдат дека досега на нивната адреса не стасала тужба од германската „Бабкок Борсиг“.

„Германската компанија нема поднесено тужба против АД ЕЛЕМ. Го раскинавме договорот поради неисполнување на дел од бараните техничко технолошки параметри од страна на изведувачот. Како инвеститори на проектот за модернизација на котлите,  инсистираме сите барани перформанси без исклучок да бидат исполнети согласно декларираните во тендерската документација“, велат од ЕЛЕМ.

Реконструкција врз база на погрешни параметри 

Спорот помеѓу ЕЛЕМ и „Бабкок Борсиг“ започнува пред повеќе од 2 години кога завршува модернизацијата на првиот блок. Тогаш станало јасно дека ефектите не се постигнати. Додека ЕЛЕМ обвинува дека компанијата изведувач не си ги исполнила обврските, извори во РЕК Битола, но и извори помеѓу луѓето кои работеа директно на реконструкцијата, велат дека  работите со  модернизацијата на котлите во РЕК Битола тргнала наопаку кога од ЕЛЕМ на Германците им дале погрешни податоци за употребата на јаглен, па наместо да имаме поголемо производство на струја, секоја година тоа опаѓа.

„Во 2012 година е извршена ревитализација на котел од Блок 3, наредната 2013 и на Блок 2. Изведувачот имаше обврска да ги ревитализира котлите како би произведувале 700 тони пареа (претворено во енергија 235 MW)  со калорична вредност на јагленот од околу 1600 к.калории  без додаток на мазут за загревање. Но оваа калорична вредност на јаглен ја нема во рудата која доаѓа од рудниците, со што и самите изведувачи не можат да го докажат капацитетот на изработката. На Блок 2 на кратко успеаја да ги постигнат бараните параметри но со јаглен со бараната калоричност, додека на Блок 3 не е докажано.  Токму заради ваквиот спор, стопирана е ревитализацијата на котел од Блок 1“, вели нашиот извор.

Препирките со Германците започнале  поодомна, но тие се држеа далеку од очите на јавноста. НОВАТВ минатата година се обидуваше да дознае што се случува со блоковите, а тогаш стапивме и во контакт со изведувачот од Германија кој ни даде кус одговор дека „одржуваат конструктивни разговори со ЕЛЕМ на надминуање  на проблемите“, без да се специфицира кои се точно проблемите.

Додека ова се случуваше, паралелно се одржуваа партиски прес конференциии на кои што власта се фалеше дека е власт со најголеми инвестиции во енергетиката. Но сите статистички податоци од Регулаторната комисија за енергетика укажуваат дека  од 2006 гоодина наваму производството на струја паѓа во драматични размери.

Од ЕЛЕМ велат дека намалувањето на производството од РЕК Битола е резултат на намалениот конзум за потрошувачите на регулираниот пазар за електрична енергија, затоа што компанијата немала обврска да ги снабдува со електрична енергија субјектите кои во изминатите години излегоа на либерализираниот пазар.

Договорот за ревитализација на котлите со цел да се продолжи векот на експлоатација на термоелектраната за 120.000 работни часови со „Бабкок Борсиг“ се потпиша во 2011 година. Овој зафат досега не чинеше вкупно 60 милиони евра, а заедно со третиот блок инвестицијата ќе чинеше 85,6 милиони евра, како што најави тогашниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски.

„Им дадоа погрешни влезни параметри на јаглен кој не можат да го обезбедат. Рекоа дека користиме поквалитетен јаглен од она што го имаме на располагање и дека користиме повеќе јаглен, отколку што реално имаме. Затоа Германците направиле котелот да работи со такви параметри. Сега за котлите да можат да постигнат температура мора да компензираат со дополнително фрлање мазут во котлите, што исто така е проблем и затоа доаѓа до испадите на блоковите“, нашиот извор вака го поедноставува проблемот кој според него се случил при модернизацијата.

„Мазутот се користи при производството на електрична енергија во услови на променлив квалитет на јагленот. Квалитетот на јагленот кој се експлоатира во постојните рудници во РЕК Битола  не  зависи од човечки фактор. Последните неколку години, неговата топлинска енергетска моќ е намалена и до 30 проценти, што повремено ја зголемува и употребата на мазутот во процесот на производство“, велат од ЕЛЕМ.

МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЕДНА НЕДЕЛА СТРУЈА

Скапата набавка на струја на почетокот на оваа година за која граѓаните платија 4.2 милиони евра е поради тоа што РЕК на неквалитетната реконструкција на блоковите во РЕК Битола која во производството на струја во Македонија учествува со 80 отсто. Кога РЕК Битола би функционирала со полн капацитет и кога не би имало чести испади, ЕЛЕМ немаше да има потреба да набавува толку скапа електрична енергија.

Васко Ковачевски од СДСМ во јануари обвини дека поради испади на блоковите во РЕК Битола, се решава со скап увоз на струја.

„Според последните официјални информации, не само што не е направен еден од блоковите на РЕК Битола којшто не работи, туку има дополнителна хаварија. Пукнати се цевки. Ова му се случува на комбинатот иако се дадени неколку стотици милиони евра пари на граѓаните за наводни поправки и ремонти. Како што редовно соопштуваме, засега проблемот се решава со многу скап увоз на струја, што до вчера ги чинеше граѓаните на Македонија околу половина милион евра, само за два дена“, рече Ковачевски.

Од ЕЛЕМ пак на ова рекоа дека СДСМ  по којзнае кој пат се обидува да ја манипулира јавноста

„СДСМ излегува со тези и податоци за производството на електрична енергија, конзумот  и увозот кои немаат никаква врска со реалноста. Претставниците на опозицијата во обид да добијат ситни дневнополитички поени  манифестираат елементарно непознавање за функционирањето на електроенергетскиот систем и односите меѓу сите чинители “, реагираа од ЕЛЕМ.

Фирмите преку кои ЕЛЕМ набавуваше дополнително количество електрична енергија се „Данске комодитас“,  „ГЕН И ДООЕЛ“, „Фјучр енерџи“, „Мист енерџи“, „Енерџи суплај М“. Некои од овие фирми во 2014 година заработија казна од три милиони евра за незаконско договарање на цените.

 



Comments are closed.