Од:

Елена, жена што ја нема

 

Којзнае како дојдовме до тоа, кога тоа се случи, зошто не не одбегна: во македонцките работи да е запишана целата историја, целата вистина, целиот папок на светот, што би рекол Венко Андоновски, восхитувајќи и се на македонштината, од небо дадена, од земја покосена (викнете ах! во овој суров час!). Се тврди дека се цитира Андоновски низ социјалните мрежи (велам се тврди, затоа што не знам дали е точно дека е тој авторот), со еден громогласен повик:

“Македонија е генетика, план божји што не се остварил. “Да се испита генетиката, матката на мајката и туѓата сперма, “о, мочковци проевропски”. Затворајте цитати, доаѓа време на албанофобија и клекнување пред мајката македонска земја. Премногу патетично за да продолжам, дополнете ја сами оваа поезија, по свој избор прпелајте се.

Се мислам сепак, како можеа некои да го одбегнат почетокот на Анкините времиња на Иво Андриќ, тогаш кога пишува за 60.те години од минатиот век: “И во најоддалечените краишта на оваа земја проникнуваше сматна, но силна желба за знаење и подобар живот што ни го носат со себе знаењето и просветата”.

Пијанистката Елена Мисиркова, внука на Крсте Петков Мисирков (велеучениот, вели проф. Атанaс Вангелов) наместо да ги разгледа тие години, некако се пронајде низ други знаци на патот и се приклешти токму за бандерата на која стојат едни од поопасните знаци: ксенофобија, национализам.

Пијанистката стана дел од оние сметаат дека земјата се носи во провалија, во ужас и катаклизма, ако се зборувало и на друг јазик, освен македонскиот, вечниот, благословен, колевката на цивилизациите, нивниот папок од кој настанал светот.

Таа вели: “Горда сум што можам да ги поздравам (граѓаните) и заедно со нив да го сочувам она што нашите предци со пролеана крв и по мачен пат го стекнале”. И затоа, којзнае како и кога тоа не се случило- внуката на Мисирков не прочитала ништо од нејзиниот дедо, особено не она за што се леела крвта за која сега таа реди тажаленки на тврдокорните собири.

Како да не ја прочитала или не ја разбрала култната “За македонцките работи”, онаа книга каде што се разоткрива асимилаторската политика на соседните земји кон Македонците, македонскиот јазик, македонскиот идентитет.

Кога Мисирков се запрашува- Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?, помислува ли таа, внуката на Мисирков, на неколку нешта, пред да дојде на ред паузата за нарикачи, да се плаче и тагува над македонштината, како да им ја зел некој со кука земјата и избегал во самиот папок, во книгата на Андоновски?

Помислува ли оваа внука на Мисирков, дека сега еден друг народ, а тоа, о, какво разочарување за неа и нејзините другари,  тоа не е македонскиот (попознат како библискиот), има желба, потреба, сон, љубов и копнеж, страда да зборува на својот мајчин јазик?

Дека тој народ, тие луѓе не сакаат да бидат асимилирани, исто така како што Македонците биле принудувани да говорат грчки, српски, албански, но не смееле македонски, за што говори Мисирков: “Важен iет факто, оти во Македонцкото прашаiн’е сет заинтересуани етнографцки, редом со бугарите и грците, ушче и србите. Осем тоа и политично Србиiа iет не по малку заинтересуана во судбите на Македониiа. ”

Не знам, не сум сигурна дека нешто од ова знае оваа внука, дали воопшто нешто знае, но би сакала кога има време, кога ќе замолчи целиот свет за миг, кога ќе дојде до злокобна тишина, која ќе навести вистина дека нишчо не напраифме како и што за однапред нишчото остана, да најде малку време оваа внука.

Да погледне само некоја минута од обраќањето на амбасадорот Мухамед Халили во една емисија (Отворено, 24 вести), зошто му е нему важно, зошто му е на еден народ важно да го говори својот јазик без страв, понижување и правдање.

Од сето тоа тоа говорење на Халили, еден ден, секако, сигурна сум, внуката ќе ги затвори ушите, за да не слуша, за да не знае, за да не се сети кога и биле затворени очите, а само устата покажувала воинствени знаци на живот. Нема да сака да слуша, затоа што нема да сака да знае- дека срамот е голем да се забранува да се говори на еден друг јазик, освен оној што сме го научиле по природата на нештата, од раѓање, што не значи дека и мора да умреме со истиот. Но, оттогаш ќе помине многу време. Убавиот наслов на книгата на Блаже Миновски (го парафразирам)- Зарем моравме да се замразиме пред да се засакаме, Елена Мисиркова ќе го запамети.

Таа го носи едно од најважните презимиња во оваа земја, врз кои таа почива, а за што таа не проговори, кога некои нам важни имиња и презимиња ни беа скрнавени. Кога Славко Јаневски беше лустриран, кога Блаже Конески беше нарекуван џуџето од Небрегово (Антонио Милошески), кога Кочо Рацин исто така беше нарекуван џуџе, а најдоброто нешто што го направил било тогаш кога умрел (Цветин Чилиманов).

Внуката на Мисирков тогаш молчеше, како што тоа го сторија и ракометарот Кире Лазарев, оперскиот пејач Игор Дурловски, режисерот Борис Дамовски, актерот Тони Михајловски, пејачката Калиопи. Нека ме поправат ако грешам. Тука би завршила, затоа што тагата кога некого нема, а не сме сигурни и дека тој постои, најдобро ја опишува Андриќ.

 

 

Фото на Мисиркова: Република