Од:

Емануел Макрон и неговите визии за светот

Новиот француски претседател, уште на првиот јавен говор ден по победата, со Одата на радоста на Бетовен, покажа дека  по дефиниција е еврофил и дека нема намера да отстапи од предизборните  визии за една нова Европа.

Токму заради тоа, има поставено на маса пред неколку задачи, кои подразбираат реформи за ЕУ. Предуслов е сепак цврста коалиција и заедничка визија за европските реформи со Германија, а камен на сопнување сепак му се различните поимања за тоа за каква Европа се залагаат. Германија ја гледа иднината во проширувањето, додека Франција преферира подлабок, интегриран сојуз.

Затоа и плановите на Макрон се движат во зацврстување на Еврозоната, таа да добие одделен буџет, министер за финансии, како и Парламент на пратеници од 19 земји-членки на еврозоната.

Што се однесува до Брегзит, Макрон е јасен дека Велика Британија не смее да има некакви предности пред останатите земји на Европа.

Едно од најчувствителните прашања е имиграцијата- тој најави силно чување на границите- 5.000 луѓе, но сепак, тој смета дека границите треба се отворени за бегалците, иако со неколку правила на играта.

За оние бегалци на кои им треба заштита, Франција би им дала добредојде, додека барателите на азил треба да ги средат сите неопходни документи кои подразбираат и некакви критериуми, во рок од 6 месеци. Сепак, оние имигранти кои нема да успеат да добијат азил, веднаш би биле вратени во своите земји.

Во услови на вонредна состојба, после серијата напади на Франција во последните две години, плановите на Макрон се движат во правец на зголемување на полицијата- 10.000 нови полицајци, како и обезбедување поголем простор за затворите, кои денес се преполни и претставуваат тежок проблем за оваа земја.

Во надворешната политика, Макрон е поддржувач на мултилатералните институции, но во исто време тој силно се залага за промоција на францускиот јазик и култура, на франкофонските институции, кои ги гледа како неопходна оска за влијание, но и оружје против ширењето на национализмот.

Како критичар на руската политика, тој стои зад санкциите на ЕУ наметнати на Русија после украинската криза.

Сириското прашање за Макрон е јасно- претседателот Башар Ал-Асад мора да одговара за криминалите пред Меѓународен суд.

Што се однесува до меѓународната помош, тој приоритетот го гледа во помош на африканските земји и затоа и се залага за зголемување на таа помош.Освен тоа, тој смета дека помошта треба да се насочи и кон овозможување самите земји да се осамостојат кога станува збор за одбраната.