Од:

Енормно загадување на воздухот

Енормна загаденост на воздухот со ПМ10 и ПМ25 е регистрира денеска во Скопје , Куманово, Битола, Кавадарци. Инструментите на Министерството за животна средина регистрирале дека најопасните честички за човечкиот организам се измерени во многу високо ниво во скопските населби Центар, Лисиче и Миладиновци.  Високо е нивото со најлошите загадувачки супстанци и во Кочани, Тетово и Кичево. Концентрацијана на ПМ 10 честички ги надминува граничните вредности за 5 до 7 пати.

И покрај високото ниво на загаденост, институциите не реагираат. Нема конкретно мерки за да се намали загадувањето на воздухот. Експертите потенцираат дека две најголеми причини загадување се печките во домаќинствата и издувните гасови од возилата. Индустриските капацитети учествуваат со 20 проценти во загадувањето.

Загадувањето на воздухот е меѓу првите пет причини за инвалидност и смртност на населението  во Македонија. Податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека на секои 10 микрограми аеро загадување со ПМ 10 и ПМ2,5 честички, за 10 проценти се зголемува смртноста кај ризичните групи. Колку подолго трае загадувањето, толку е поголема смртноста кај хроничните болни, на  тие со ослабен  имунитет и  луѓето над 65 години. Смртноста од  мозочни удари, кардиоваскуларните заболувања, ракот на белите дробови во Македонија е двојно поголема од останатите земји, а токму загадувањето на воздухот учествува со 40 проценти во создавање на компликации кај овие болести.

Експертите нагласуваат дека се потребни наредби, а не препораки бидејќи се покажа дека препораките не се ефикасни. Недостасува и интерсекторска комуникација меѓу институциите која воопшто не функционира. Немањето на зеленило, дрвја, лошата инфраструктура, градилиштата кои се извор на прашина, а подоцна го оневозможуваат струењето на воздухот, индустриските капацитети, сето тоа допринесе да има енормна загаденост која е најизразена во ова време од годината.