Од:

ЕУ очекува брз крај на институционалната криза

Според дипломатски извори во Брисел, добро би било институционалната криза во Македонија да заврши во наредните два до три дена со тоа што ќе се конституира Собранието и ќе се избере негов претседател, а се очекува Иванов да му го предаде мандатот на Зоран Заев. Потоа ќе треба да се разговара за сите проблеми со кои Македонија се соочува вклучително и албанската платформа.

Европскиот парламент (ЕП) се колеба дали другата недела да ја одржи закажаната дебата за Македонија по која треба да се усвои Резолуција за нашата земја.

Доколку институционалната криза покаже дека се ближи кон својот крај, дебатата за Македонија во ЕП би била конструктивна и позитивна. Во спротивно, острите критики ќе бидат неизбежни.

Ова му било пренесено на Никола Попоски кој денес беше во Брисел со надеж дека пораката ќе му биде пренесена на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Балканот на лидерското мени

Ситуацијата на Балканот е деликатна па така лидерите на ЕУ во четврток ќе разговараат на оваа деликатна тема.

Тие на своето вечерно мени ќе ја имаат ситуацијата на балканскиот простор, проблемите помеѓу Србија и Косово, напнатата ситуација во Босна и Херцеговина и се разбира Македонија.

Покана за оваа политичка вечера до лидерите на ЕУ упати претседателот на Европскиот совет Доналд Туск додавaјќи дека неколку европски лидери побарале да се разговара за Балканот.

“Европската унија ќе остане ангажирана за Западен Балкан и ќе ги исполни ветувањата”, пишува Туск во своето писмо до лидерите.

Нацрт заклучок од самитот на ЕУ

НОВА успеа да дојде до заклучокот за Балканот што лидерите на ЕУ ќе го објават по нивната вечера:

“Европскиот совет дебатираше за ситуацијата на Западниот Балкан и ќе продолжи и понатаму да ја разгледува. Потсетуваме дека и даваме поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан, Европскиот совет подвлекува дека ЕУ останува посветена и ангарижана во овој регион, ја поддржуваме стабилноста и продлабочување на политичките и економски врски со и во овој регион. Во тој контекст Европскиот совет го поздравува одржување на самитот на Западниот Балкан кој ќе се одржи на 12 јули во Трст.”

Понеделничката дебата на министрите за надворешни работи на ЕУ за Балканот беше подготовка за лидерската средба. Заклучок од оваа средба не беше објавен, но сите лидери искажале загриженост поради тензиите на Балканот. И ветиле дека мора да се стори се за да и се даде нов живот на европската интеграција на Балканот.

Тоа можеби најдобро го опиша словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак:

„Проширувањето треба да биде политички процес а не толку технички како што е сега. ЕУ да престане да се прави дека нуди европска перспектива а земјите на Балканот да престанат да се преправаат дека прават реформи и да станеме сериозни едни кон други”, изјави Лајчак.

За време на средбата на министрите биле искажани стравувања од руското влијание на Балканот. Оттука, Словакот Лајчак подвлече дека „понудата на ЕУ за регионот е најдобрата” а со него се сложи и неговиот хрватски колега Давор Иво Штир.

Наскоро се очекуваат нови чекори со кои ЕУ на дело ќе покаже дека навистина ќе ја засили ЕУ перспективата за Балканот.

Тоа го изјави и Попоски денес во Брисел:

“ЕУ е истовремено под влијание на внатрешните проблеми. Во такви околности, за нас е најпаметно да се обединиме околу интеграција во ЕУ и вистинските вредности кои се подзаборавени. Тоа е секако покорисно, отколку да си ги прецртуваме границите. Брисел може да помогне со тоа што ќе го направи членството достижно и реално за оваа генерација македонски граѓани.”