Од:

ЕУ: Решете ја кризата, Европа вe чека

По подолга пауза лидерите на ЕУ во Брисел неделава му се вратија на Балканот и на Македонија. Македонија била една од главните точки на лидерската вечера во четвртокот поради нашата бескрајна политичка но и инстититуционална криза.

Зад пораката на шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини по посетата на Скопје која од Македонија побара да “не игра со оган”, застанаа сите лидери на ЕУ.

Старо-новиот претседател на ЕУ Полјакот Доналд Туск (кому на овој самит му беше продолжен мандатот на чело на ЕУ за уште 2,5 години) го примил писмото од Ѓорге Иванов. Неговиот одговор стаса во форма на изјава од портпарол на Европската комисија:

“Запознаени сме со писмото на претседателот Иванов. Ги повикуваме сите политички актери, вклучувајќи го и претседателот, да го почитуваат изборниот резултат, да постапува согласно Уставот, да го почитува јасното парламентарно мнозинство, да дозволи демократскиот процес да тече. Го повикуваме претседателот да го преиспита својот актуелен став и да овозможи формирање на новата влада”.

Дипломатски извори во Брисел тврдат дека Македонија мора да формира реформска влада и да излезе од актуелната институционална блокада која не води никаде и која е лоша за земјата.

Сите лидери се согласуваат дека албанската платформа го искомплицирала процесот на формирање влада но ЕУ нема намера да влегува во осуда на оваа декларација бидејќи македонските партии се тие кои треба да ги решат сопствените проблеми.

Но, доколку состојбата не се деблокира, ЕУ нема намера да седи со скрстени раце. На ЕУ на располагање и стојат инструменти за притисок. Пред се финансиски притисок како милионите евра што ЕУ ги дава во Македонија.

Иднината на Балканот е во ЕУ

Од новата шарена сала за состаноци во Брисел лидерите упатија јасна порака до целиот Балкан. Нивниот заклучок вели дека тие и даваат “поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан” а ЕУ останува “посветена и ангажирана во овој регион, ја поддржуваме стабилноста и продлабочување на политичките и економски врски со и во овој регион”.

Накусо, шефовите на влади и држави на ЕУ велат дека не се откажуваат од одлуката од 2003 година донесена во Солун која вели дека иднината на Балканот е во ЕУ.

Доналд Туск изјави дека „ЕУ стои на ветувањето од Солун и целосно е посветена на стабилноста и просперитетот на регионот“.

Оваа поддршка значи исто така дека европските лидери во скора иднина ќе почнат почесто да го посетуваат Балканот за да им дадат поддршка на реформите неопходни за влез во ЕУ.

Стапувајќи на функцијата претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер во 2014 година изјави дека нема да има прием на нови членки на Унијата за време на неговиот мандат кој истекува во 2019 година. Тој се уште стои на овој став но тоа не значи дека нема да има проширување на ЕУ кон Балканот. Јункер изјави:

„Јас не мислам дека беше грешка кога објавив во јули 2014 година дека нема да има проширување за време на мандатот на оваа Комисија. Вистина е дека ниту една земја кандидат не е подготвена да се приклучи. А преговорите за проширување не се стопирани“.

Во тој контекст Европскиот совет го поздравува одржување на самитот на Западниот Балкан кој ќе се одржи на 12 јули во Трст“, се вели во заклучокот.

ЕУ ќе работи на намалување на руското влијание на Балканот

До ова доаѓа особено во време кога Русија гледа да го зголеми влијанието во регионот.

Велика Британија, и покрај брегзитот, најави дека во 2018 година ќе го организира самитот помеѓу ЕУ и Западниот Балкан. Според британската премиера Тереза Меј, оваа одлука е донесена за да намали руското влијание на Балканот.

И Туск даде слична изјава во која се вели дека на Балканот има многу тензии и поделби “делумно поради нездравите надворешни влијанија кои веќе извесно време дестабилизираат неколку земји”.

Според висок дипломат кој разговарал Дојче Веле “ЕУ нема волшебно стапче што може да ги реши сите проблеми на Балканот”. Но затоа има намера да даде нов импулс и нова акција истовремено очекувајќи од балканските земји да почнат навистина да работат на реформи.

Тоа можеби најдобро го опиша словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак кој во понеделникот изјави дека проширувањето треба да биде политички процес а не толку технички како што е сега: “ЕУ да престане да се прави дека нуди ЕУ перспектива а земјите на Балканот да престанат да се преправаат дека прават реформи и да станеме сериозни едни кон други”, изјави Лајчак.