Од:

ЕУ стравува институционалната криза да не се претвори во меѓуетничка

Кризата во Македонија е се уште политичка и институционална, но Европската унија стравува дека таа може да стане и меѓуетничка, што директно го порача и самата Федерика Могерини, велат аналитичарите.

Македонија ја демне опасност кризата на нефункционалните институции да биде претворена во меѓуетничка криза па дури и конфликт, вели за НОВА, поранешниот министер за надворешни работи и аналитичар Денко Малески. Оттаму и доаѓаат голем број на загрижувачки пораки и предупредувања од Европската унија за ситуацијата во земјава.

„Во еден момент работите се свртеа од барање решение за нашата демократска држава, во сферата на меѓуетничките односи. Две години државата ја тресеше овој скандал со прислушувањето каде високи функционери ја злоупотребувале функцијата во Македонија и целата општествена енергија беше насочена како да се излезе од таа криза. Со домашни сили и меѓународна поддршка, во тој контекст беа направени и Пржинскиот договор и извештајот на Прибе. Но нашите политичари не беа на висината на оваа задача, разни страни почнаа да играат со национализмот и сега сме на еден многу опасен и погрешен колосек. Кризата на демократските институции да ја претвориме во меѓуетничка криза па и конфликт“, вели Малески за НОВА.

Според него, ЕУ се обидува да испрати порака дека земјата е ставена на целосно погрешен колосек и затоа реагираат со предупредувања.

„На секој оној кој го поминал југословенското искуство му се кристално јасни тие предупредувања, а најмладите треба да бидат потсетени што тие значат за да не се дозволи да се повтори такво нешто“, вели Малески.

За универзитетскиот професор Беким Кадриу, значајно е потенцирањето на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Могерини на тоа дека кризата во земјава е се уште институционална.

„Тоа што вчера кое го забележав, кое на неколку наврати го спомена Могерини беше тоа дека моментално се наоѓаме во институционална криза, и тоа не беше случајно кажано, мислам дека тие ќе инсистираат кризата да се разреши институционално. Таа и самата го кажа тоа дека решавањето на кризата значи почитување на нашиот правен систем, нашиот Устав и законите.

Го спомена и претседателот да игра како што му налага Уставот и да го додели мандатот, и второ го спомена Собранието, не случајно. Во поделбата на власта, Собранието има голем удел во носење на суверенитетот преку граѓаните, како законодавен орган. Конститутивната седница не зависи од Иванов, мислам дека таа инсистираше да се избере функционално Собрание, особено и во делот на локалните избори“, вели Кадриу.

Тој вели дека ситуацијата е под опасност ако не се реши институционално, да прерасне во нешто друго.

Вчера Могерини изјави дека е загрижена за ситуацијата во земјава и се обидува да види каде е потенцијалот за решавање на институционалната и политичка криза.

„Она низ што Скопје деновиве поминува е се уште институционална криза. Мојот најголем страв е тоа да не прерасне во меѓуетничка криза и тоа основната порака што ја пренесов во земјата кај политичарите: не играјте со оган, не го претворајте ова во етнички конфликт, тоа ќе ја руинира земјата и најверојатно ќе се прошири вон нејзините граници. Верувам дека има инструменти, пред се мудроста на претседателот, капацитетот на Парламентот да избере собраниски претседател и да се деблокира ситуацијата. Оваа институционална криза може да се реши со инструментите кои Скопје ги има, без мешање но секако нормално е пријателите да се грижат за состојбата на партнерите. Веруваме дека има можности за решавање на институционалната криза, средства за тоа во Скопје постојат. Имав искрен и конструктивен разговор со сите политички лидери во Парламентот и се надевам дека мудроста ќе победи”, рече Могерини.

Денеска пак Ѓорѓе Иванов испрати писмо до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до  претседателот на САД, Доналд Трамп и до претседателот на Турција,  Реџеп Таип Ердоган, со кое ги известува дека тој не го дава мандатот на СДСМ, бидејќи со платформата на албанските партии е загрозена стабилноста на Македонија и на регионот.