Од:

Евролига: Фенербахче на Антиќ и ЦСКА М. на чекор до Фајналфор

Фото: euroleague.net

Фенербахче и ЦСКА Москва поведоа со 2:0 во четвртфиналето во кошаркарската Евролига и до Фајналфорот во Истанбул ги дели уште една победа.

Турскиот состав направи нов брејк во Грција. Тимот на Перо Антиќ вечерва по вторпат го порази Панатинаикос, овојпат со 80:75 (по четвртини: 22:20, 23:23, 18:16, 17:16), за огромна предност пред пренесување на серијата на домашен терен.

Богдановиќ со 25 коша беше најефикасен во Олимписката сала во Атина, Удох уфрли 22 за екипата предводена од Жељко Обрадовиќ колку што постигна и Мајк Џонс за „зелените“. Перо Антиќ одигра 9 минути во кои постигна една тројка од три обиди и забележа два скока (по еден под двата коша).

Московјани ја добија драмата со Басконија на домашен терен со 84:82 (по четвртини: 21:20, 19:15, 29:23, 15:24). Победникот беше решен на 1,1 секунда до крајот со двата прецизни „пенала“ на Карл Хајнс.

Милош Теодосиќ постигна 16 поени за ЦСКА, по 10 додадоа Де Коло и Хајнс. Гостите од Виторија ги предвоеа Бобу со 21 кош и Бадингер со 12.

Евролига

Четврт-финале

Панатинаикос – Фенербахче 75:80 (резултатот во серијата е 0:2)

ЦСКА Москва – Басконија 84:82 (2:0)