Од:

Европската унија не му испрати честитка на Ердоган

Реџеп Таип Ердоган успеа да добие 51 отсто гласови, од кои добар дел дојдоа од Турците во европските држави, на референдумот кој ќе му донесе значително поголема моќ.

Но опозицијата смета дека имало неправилности и дека 60 отсто од гласовите треба повторно да се пребројуваат.

Успехот на Ердоган на овој референдум ќе донесе последици и во односите на Турција со ЕУ. Односи кои веќе извесно време се нарушени па оттука ЕУ денес не му испрати честитка на Ердоган за оваа победа.

“Ние ги примивме на знаење резултатите на референдумот”, изјавија во заедничко соопштение претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан.

Тие додаваат дека се забележани нерегуларности во гласањето па оттука ќе го почекаат извешајот на мисијата на ЕУ која го набљудуваше гласањето.

Тие прецизираат исто така дека резултатите на гласањето се тесни:

“Според тесниот резултат и длабоките импликации на уставните амандмани, ги повикуваме турските власти да бараат што поширок национален консензус во нивната примена”, вели соопштението.

ЕУ додава дека Турција, како членка на Советот на Европа и особено како земја кандидат за членство во ЕУ, има обврски.

Ердоган вчера најави можност за нов референдум кој ќе биде посветен на враќањето на смртната казна во Турција. За ЕУ ова е црвена линија која не смее да се пречекори.

И Советот на Европа, поради тесниот резултат, преку соопштение ги повика турските власти при следните чекори да бидат многу внимателни.

Според првиот извештај на ОБСЕ и Советот на Европа, кампањата за референдумот се одвивала во нееднакви услови:

“Референдумот се одвиваше на нееднаков терен и двете страни во кампањата не работеа во еднакви услови”, изјави шефот на делегацијата на Советот на Европа Чезар Флорин Преда.

Тој додаде исто така дека референдумот бел организиран во услови на вонредна состојба која беше воведена на 16 јули, ден по неуспешниот пуч во Турција.

Освен тоа, противните на референдумот често биле нарекувани “терористи” и “пучисти” од страна на Ердоган и други високи турски политичари за време на кампањата.



Comments are closed.