Од:

Еврото се стабилизира – вчера со најниска вредност во речиси 2 години

Еврото денеска се стабилизира, откако вчера достигна најниско ниво за последните 21 месеци, по референдумот во Италија, пренесува Ројтерс.

Светските финансиски пазари експресно реагираа на исходот од референдумското изјаснување во Италија и најавената оставка на премиерот Матео Ренци.

Во текот на вчерашниот ден еврото беше 1,0507 американски долари. Од друга страна, индексот на доларот, што ја покажува вредноста на американската во однос на други шест најважни светски валути, утрово порасна за 0,7 проценти, односно на 101,49 бодови, па повторно тргна кон 102 бода, т.е. најблиску до највисокото ниво од 2003 година.

Аналитичарите укажуваат дека инвеститорите треба да бидат претпазливи, но сепак не и да креваат паника, иако уште сега многумина сметаат дека во Италија ќе следуваат нови избори на кои може да победи опозицијата, во која има партии кои најавуваат дека сакаат да излезат од ЕУ или барем од еврозоната.

-На почетокот на неделава, на пазарите вообичаено владее зголемена нервоза, иако не дојде до поголем пад на акциите. Или берзите станале имуни на политичката нестабилност, или пак сметаат дека ситуацијата во Италија сепак ќе се расчистува во подолг период – дури и ако претседателот, односно новиот мандатар не успее да формира влада, ќе има 70 дена за да се обиде, и тоа во оваа фаза сега изгледа прилично далеку“, појаснува Кејтлин Брукс, директорка на истражувањата во City Index Direct, што го пренесува Би Би Си.

Експертите предупредуваат дека изгледите за стабилноста на европската валута се загрозени поради претстојните избори во Холандија, Франција и Германија во следната година.