Од:

ФА куп: Линколн е прв аматерски клуб во четврт-финале по 103 години

Аматерите на Линколн, заедно со елиминацијата на Лестер, се фудбалска вест во Англија во денот што изминува. Лидерот во Ванарама националната лига (поранешна конференција или ако сакате петта лига) го приреди најголемото изненадување во осминафиналните мечеви во ФА купот со триумфот на гости кај премиерлигашот Барнли со 1:0.

Шон Регет во 89 минута го постигна најзначајниот гол во 133 годишната историја на клубот од Линколншир. Петтолигашот е прв аматерски тим што ќе игра четврт-финале во ФА купот во последите 103 години. Последен со таков статус меѓу осумте најдобри беше Квинс Парк Ренџерс во 1914 година.

Гостувањето на Линколн на стадионот „Тарф Мур“ го следеа околу 3.000 навивачи кои 15 минути по крајот на натпреварот заеднички ја прославуваа големата победа со своите миленици и извикуваа „Одиме на Вембли“.

„Неверојатно. Ова беше наш сон кога го почнавме учеството во ФА купот во октомври“, рече Мет Рид, напаѓач на Линколн.

Тренерот на Барнли, Шон Дајч, нормално, беше лут на своите фудбалери по резултатската бламажа што  ја доживеаја на свој терен.

„Место за изговори нема. За жал, ние сме дел од нивната бајка“, изјави тој.