Од:

Федерер бурно ја прославил титулата на Вимблдон: Ми „звони“ во главата

Фото: wimbledon.com

Новата работна недела почна поинаку од вообичаеното за Роџер Федерер. Швајцарецот вчера попладне ја освои рекордната осма титула на Вимблдон по победата во финалето против Марин Чилиќ и реши да остане со „спуштена рачна“ во останатиот дел од деноноќието. Затоа утрово, како што самиот кажа, се разбудил со силна главоболка по освојувањето на 19. гренслем турнир во кариерата.

„Ми „звони“ во главата. Не знам што сум правел синоќа. Претпоставувам дека сум испил многу различни алкохолни пијалоци. По традиционалната вечера и бал, продолживме во еден ресторан во кој нè чекаа 30-40 пријатели. Одлично си поминавме. Легнав дури во пет часот изутрина, кога се разбудив не се чувствував најдобро“, изјави Швајцарецот на денешната прес-конференција што ја пренесува „Евроспорт“.

Фото: wimbledon.com

Федерер има фантастична сезона за себе. Триумфира на два од трите гренслема (Австралија опен и Вимблдон, го пропушти Ролан Гарос) и два освоени турнира од серијата Мастерс 1000 (Индијан Велс и Мајами). На 8 август ќе го прослави 36. роденден, но, сепак, најави дека во 2018 година повторно ќе учествува во Лондон во обид да го одбрани тронот.

„Освојувач сум на Австралија опен и на Вимблдон и една година сакам да уживам во тоа. Немам поставено цел за бројот на освоени гренслем титули. Тоа никогаш не сум го направил. Со 17 бев исклучително задоволен, со 18 посреќен, а сега со 19 повеќе од среќен. Сакам само да уживам сега и да ме послужи здравјето“, истакна Федерер кој испрати и совет до младата генерација на тенисери за потребата од менување на стилот на игра доколку сакаат да ја спречат „старата гарда“ да победува на гренслемите.