Од:

Финансиската полиција во акција: Кои невладини добиле пари од УСАИД

Извршната директорка на „Фондацијата Отворено општество“, Фани Каранфилова-Пановска, и Бојан Маричиќ од „Евро тинк“ денеска информираа дека последните три дена имаат засилено присуство на финансиска полиција во нивните организации, којашто барала документи за прилив и плаќања поврзани со програмите на УСАИД.

Како што изјави Каранфилова, потребно е брзо формирање на нова влада, бидејќи според неа ова е еден начин на притисок од сегашните институции кои работат без контрола.

Маричиќ вели финансиските инспектори во неговата невладина дошле веднаш по неговото гостување во ТВ Телма на 6 март, а налогот за инспекција бил од 7 март.

Каранфилова и Маричиќ овие изјави ги дадоа денешниот настан за промовирање на проектот за „Надзор на реформи во јавната администрација“ каде европскиот амбасадор во РМ, Семуел Жбогар, упати јасна поддршка за невладините организации за кои вели дека се клучен елемент за добро владеење.

Жбогар потенцираше дека и Федерика Могерини упатила јасна порака за поддршка на граѓанските организации во смисла дека тие се клучен и интегрален дел од носењето политики, за плурализмот и кохезијата.

– Ова се тешки времиња за граѓанските организации, но ЕУ секогаш гледала и секогаш ќе гледа партнер во граѓанските организации и ќе продолжи да ги поддржува….Граѓанските организации треба во синергија да соработуваат со институциите и да бидат вклучени во процесот на реформа на јавната администрација. Очекуваме што поскоро нова влада која ќе се посвети на реформата на јавната администрација и ќе ги вметне сите препораки од Извештаите на Европската комисија кои се однесуваат на оваа област, изјави Жбогар.