Од:

Француски избори: Светот во исчекување-Марин Ле Пен или Емануел Макрон

Од нашиот дописник од Париз, Биљана Секуловска

Очите на светот се вперени во Франција, претседателските избори ја решаваат и иднината на Европа. Токму затоа, исчекувањето на вториот круг избори ги остава особено Европјаните без здив-кој  ќе победи, екстремната десничарка Марин Ле Пен, која по втор пат е кандидатка за претседател или 39-годишниот Емануел Макрон, кој доколку ги добие гласовите, ќе стане најмладиот претседател на Републиката.

Гласаат 47,5 милиони гласачи, тука се и неколку стотици илјади резиденти надвор од земјата, кои започнаа веќе да гласаат за своите фаворити кои на првиот круг беа за неколку проценти со разлика- Марин Ле Пен освои 21,3 проценти, Макрон 24, 01%, но сепак, неизвесноста сега веќе не е предмет на разговор како претходно. Анкетите и поддршката која му е дадена на Макрон од страна на ривалите токму на селективниот прв круг- Фијон и Амон е на страната на младиот лидер на “Напред” или “Чекориме”.

Но, она што изгледа особено важно е безбедноста на изборите- токму затоа десетици илјади полицајци се мобилизирани, потпомогнати од 7.000 војници на операцијата Сентинел. Во текот на вчерашниот ден влегувањето во секоја поголема продавница или шоипинг-центри подразбираше претрес на личните ташни и торби на клиентите и тоа од страна на обезбедување или полиција, аа таа беше сериозно видлива и на улиците на Париз. Конечно, ова е прв пат претседателски избори да се одвиваат под вонредна состојба воведена на 13 ноември 2015.

Сепак, овие избори се одвиваат и под уште една голема тензија, особено после хакерскиот упад во изборниот молк на штабот на Макрон, каде протекоа голем број документи, мејлови, преку дистибутерот Викиликс, а голем дел пренесен од екстремната десница на Твитер.

Но, само пред некој ден, Макрон излезе со тужба која се однесува на  шпекулациите објавувани на порталите и социјалните мрежи- дека тој поседува оф шор компанија на Бахамите,  што одлучно ги отфрли, но штетите од таквите вести допрва ќе бидат книжени. Конечно, оваа информација беше пласирана и на глваната ТВ дебата, од страна  на Марин Ле Пен- иако таа само цинично го праша дали е таа вистинита, намерата да се удри црна дамка беше очигледна. Во ерата на лажните вести Макрон е сега наследникот на Хилари Клинтон, но она што буди сомнежи се руските прсти и интересите, колку и тие да го демантираат тоа, тие сомнежи остануваат на сила.