Од:

Фрапантно: Смртноста се зголемува со секој процент од загадувањето

Загадувањето на воздухот е меѓу првите пет причини за инвалидност и смртност на населението  во Македонија. Првичните, се уште не објавени податоци од Институтот за јавно здравје покажуваат дека на секои 10 микрограми аеро загадување со ПМ 10 и ПМ2,5 честички, за 10 проценти се зголемува смртноста кај ризичните групи. Колку подолго трае загадувањето, толку е поголема смртноста кај хроничните болни, на  тие со ослабен  имунитет и  луѓето над 65 години, објаснува за НОВА проф. Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.

„Смртноста од  мозочни удари, кардиоваскуларните заболувања, ракот на белите дробови во Македонија е двојно поголема од останатите земји, а токму загадувањето на воздухот учествува со 40 проценти во создавање на компликации кај овие болести. Аеро загадувањето е тивок убиец кој создава услови да се зголеми бројот на луѓе со мозочни удари и кардиоваскуларни заболувања во урбани населби “  изјави  Ѓорѓев за НОВА.

Според  проценките на Светска банка во државата годишно умираат 1300 луѓе, а нивната смрт е непосредно или индиректно  поврзана со  загадувањето на воздухот.

Но, новата методологија која  ја работи професорот Ѓорѓев и неговиот тим, бара прецизни податоци што Државниот завод за статистика не сака да им ги даде на дневно ниво. Иако овие статистички податоци се многу важни и се од национален интерес, образложението на Државниот завод за статистика е дека тоа се коси со Законот за заштита на лични податоци, односно дека ќе се одадат податоците од што починале луѓето, што не е точно, велат во Институтот за јавно здравје.

„Нас ни се потребни податоци на дневно ниво, да споредиме со процентот на загадувањето.  Нема статистички податоци за заболувањата  и за смртност на дневно ниво. Можеби имаат, но не ги објавуваат. Но и на месечно ниво, од  она што го добиваме може да се види дека пиковите на енормното аеро загадување одговараат на пиковите кога има зголемен број на смртни случаи од овие болести, мозочните удари и кардиоваскуларни заболувања, “вели Ѓорѓев.

Најголем проблем во големите урбани средини е сообраќајот и печките во домаќинствата што ги создаваат и азотните оксиди кои се многу штетни за здравјето на луѓето.  Експертите нагласуваат дека се потребни наредби, а не препораки бидејќи се покажа дека таквите мерки не се ефикасни. Недостасува и интерсекторска комуникација меѓу институциите која воопшто не функционира. Немањето на зеленило, дрвја, лошата инфраструктура, градилиштата кои се извор на прашина, а подоцна го оневозможуваат струењето на воздухот, индустриските капацитети, сето тоа допринесе да има енормна загаденост која е најизразена во ова време од годината.

Наместо координирани и конкретни мерки за заштита од загадувањето, градоначалникот Коце Трајановски вчера  излезе со препораки до граѓаните меѓу кои: да не ги користат своите возила без потреба туку да користат јавен превоз, да не с е проветруваат просториите во домовите , како и без потреба да не се излегува од дома. Ваквите препораки ја фрапираа јавноста и експертите кои велат дека уште еднаш се покажа дека во ваква алармантна ситуација локална власт не функционира.



Comments are closed.