Од:

Фудбал, ЛШ: Мадридските клубови во полуфинале, Касаи го поттурна Реал

Реал Мадрид и градскиот ривал Атлетико се пласираа во полуфинале во фудбалската Лига на шампиони по елиминациите на Баерн, односно, Лестер. Баварците возвратија со идентична мера на „Сантијаго Бернабеу“ и основните 90 минути ги добија со 2:1, резултат со кој и „кралскиот“ клуб ја покори „Алијанц арена“, но Кристијано Роналдо и компанија додадоа уште три гола во продолженијата (еден во првото и два во второто) и со вкупни 4:2 се пробија во големата четворка.

Се што беше вредно за издвојување од дуелот во Мадрид се случи во второто полувреме иако и првото имаше допадлив тек, беше динамично и со прилики на обете страни пришто предничеа домашните фудбалери. Но, голови изостанаа.

Првиот во продолжението го прославија гостите. Левандовски погоди од белата точка во 53 минута за водство на Баварците кои го одржуваа до завршните 15-тина минути. За момент го загубија во 76 минута по погодокот на Роналдо, но, за нивна среќа, во плус ги врати Серхио Рамос со несмасната интервенција две минути подоцна кога постигна автогол. Баерн ги сочува тие 2:1, а во меѓувреме остана без Артуро Видал чиј старт на топка беше окарактеризиран со жолт картон (Чилеанецот веќе имаше еден) за исклучување.

Но, тоа како да беше недоволно за унгарските судии кои се „истакнаа“ и во продолженијата. Во завршницата на првото (105 минута) не видоа офсајд на Португалецот кој реализира за 2:2, сомнителен беше и наредниот за Реал во 110 минута што го потпиша, исто така, Португалецот по додавање на Марсело во ситуација во која составот на Карло Анчелоти веќе беше психолошки разбиен. Точка на победата ставо Асенсио во 112 минута.

Лестер и Атлетико, пак, ремизираа (1:1) на „Кинг Пауер“ стадионот, исход што значеше прогрес на шпанскиот претставник со оглед на минималната победа во првиот меч на „Висенте Калдерон“. Нигез во 26 минута обезбеди водство на „јорганџиите“ што го поништи Варди во 61 минута за 1:1, резултат што остана непроменет до крај.

Лига на шампиони

Реал Мадрид – Баерн Минхен 4:2 по продолженија (1:2 во основните 90 минути)

Лестер – Атлетико Мадрид 1:1