Од:

Фудбал, ЛШ: Монако го исфрли Сити, Гвардиола првпат без четврт-финале

Фото: uefa.com

Монако се додаде на списокот со екипи кои приредија изненадувања во осминафиналните мечеви во Лигата на шампиони на УЕФА. Тимот од Кнежевството успеа до два гола разлика во реваншот со Манчестер сити за продолжување во наредната фаза во елитната клупска фудбалска конкуренција. Вечерва, францускиот прволигаш славеше со 3:1 и благодарение на повеќе реализации на гости (вкупен резултат 6:6) си обезбеди место меѓу најдобрите осум.

Впечаток е дека Монако беше подобар ривал во двомечот со премиерлигашот. Одличната претстава од „Етихад“ доби нова епизода на „Луј Втори“ од која посреќни, позадоволни, погорди излегоа домашните играчи. На крајот Леонардо Жардим го надмудри Пеп Гвардиола кој за првпат останува без четврт-финале во ЛШ по претходните успешни искуства со Барселона и со Баерн Минхен.

Монако почна како што посакуваше, со гол во раната фаза на средбата. Килијан Мбапе, кој важи за ѕвезда во доаѓање на светскиот фудбал и кому му предвидуваат блескава иднина, уште во осмата минута ги поведе „кнезовите“ во водство за заостанувањето од Манчестер да биде целосно анулирано во 29 минута преку Фабињо. „Граѓаните“ до паузата бледи и без закана кон Субашиќ.

Сити се врати подразбуден од соблекувална. Барем таков впечаток остави во воведот од второто полувреме. Агеро и Силва стануваа се позабележливи на теренот, се најдоа во убави прилики, но погодокот дојде дури во 71 минута. Наместо дел од споменатиот двоец, реализира Лирој Сане што во тој момент значеше четвртфинален двомеч за Манчестер.

Меѓутоа радоста на гостите траеше кратко. Само шест минути подоцна Кабалјеро беше принуден по третпат да влегува по топка во сопствената мрежа. Прекинот на Монако и нафрлувањето на Лемар во гол го претвори Бакајоко за враќање на француската екипа на четвртфинален курс на кој остана доследна до крај. Успехот е дотолку поголем ако се има предвид дека е постигнат без Радамел Фалкао кој мораше да гледа од трибините поради повредата на колкот. Меѓутоа и без Колумбиецот, лидерот во Лига 1 се справи со состав на Гвардиола што вечерва имаше очајно издание.

Последен четвртфиналист во фудбалската Лига на шамппиони е Атлетико Мадрид. По триумфот во Леверкузен, шпанскиот тим одигра 0:0 во реваншот со Баер на „Висенте Калдерон“.

Лига на шампиони

Осминафинале, реванши

Монако – Манчестер сити 3:1 (прв меч 3:5)

Атлетико Мадрид – Баер Леверкузен 0:0 (4:2)