Од:

Фудбал, ПМФЛ: Продолжува бркотницата на Вардар и Шкендија

Фото: fkvardar.mk

Вардар го продолжува победничкиот поход за одбрана на титулата во домашниот фудбалски шампионат, Шкендија продолжува да му диши во врат. Така беше во првиот дел од сезоната, во ист стил тргна и вториот.

Првопласираниот тим на табелата попладнево триумфира против Шкупи со 3:0 во 19 коло. Вардарци уште во втората минута имаа 1:0 со автоголот на Бесарт Кривањева, на 2:0 зголеми Хуан Фелипе во 15 минута, судбината на чаирчани ја запечати Дејан Блажевски на осум минути до крајот.

Сигурни домаќини беа и тетовци во дебито на Томас Брдариќ на клупата и репрезентативецот Бесарт Абдурахими на теренот. Со 2:0 славеа против Силекс со погодоците на Ферхан Хасани пред полувремето и на Дино Меџедовиќ во 79 минута. Шкендија заостанува четири бода зад Вардар и во 20 коло му гостува во Скопје.

Силно почна и Работнички. Екипата на Виктор Треневски победи против Македонија во Ѓорче Петров со 3:0. Филип Ивановски беше двапати прецизен пеналџија (59 минута и 78 минута), во 10. погоди од игра и Суад Сахити за избивање зад водечкиот двоец во поредокот.

Гостинска победа забележа Ренова против Брегалница со минимални 1:0 со погодокот на Мухамедин Усеини во 10. минута.

Средбата меѓу Победа и Пелистер беше единствена без победник, но со најмногу голови. Пелагониските ривали одиграа 2:2 на стадионот „Младост“ во Струмица. За прилепчани, кои беа во улога на домаќини, погодија Благоја Гешоски од пенал во 22 минута и Александар Крстевски во 77 минута, Раденко Бојовиќ во 10. и Баже Илијоски од белата точка во 73 минута возвратија за битолчани.

Прва лига, 19. коло

Резултати

Брегалница – Ренова 0:1

Македонија Ѓ.П. – Работнички 0:3

Победа – Пелистер 2:2

Шкендија – Силекс 2:0

Вардар – Шкупи 3:0

Табела: Вардар 44, Шкендија 40, Работнички 31, Пелистер 30, Ренова 26, Силекс 24, Победа 16, Шкупи 16, Македонија Ѓ.П. 15, Брегалница 11

Двојки за 20 коло (26 февруари, 14 часот)

Вардар – Шкендија

Шкупи – Работнички

Пелистер – Брегалница

Ренова – Македонија Ѓ.П.

Силекс – Победа