Од:

Фудбал: Рома нуди шестгодишен договор за Тоти како спортски директор

Рома нема намера да се откаже од својата „икона“. Претседателот на клубот, Џејмс Палота откри дека Франческо Тоти ќе добие нов шестгодишен договор за функцијата спортски директор. Италијанската фудбалска легенда е во 40-та година од животот и дел е од составот на Лучано Спалети, но сè уште е нејасно дали ќе продолжи да игра и во наредната сезона.

„Сè уште не сме разговарале со Франческо за неговата иднина, но му понудивме договор на шест години како спортски директор“, изјави Палота за медиумите во Италија.

Тоти дебитира за Рома на 16 годишна возраст. Првиот меч го одигра против Бреша во 1993 година додека на кормилото беше Вујадин Бошков. За „волчицата“ одигра 778 меча во сите натпреварувања пришто постигна 307 гола од кои 250 во Серија А. Со римјаните има едно Скудето, две титули во Купот и две во Суперкупот на Италија.

За „азурите“ даде девет погодоци во 58 настапи и ја освои титулата на СП 2006 во Германија.