Од:

Фудбал: Торес излезе од болница, но ја пропушта Валенсија

Фото: lavozdegalicia.es

„Добро се чувствувам. Им благодарам на соиграчите и на навивачите на Депортиво ла Коруња за поддршката, на медицинскиот персонал и на сите кои ми помогнаа. Слична незгода имав и во репрезентацијата, но беше полошо. Загубив свест и со часови не се сеќавав на ништо. Овојпат беше нешто поблаго“, рече Фернандо Торес по излегување од болница.

Напаѓачот на Атлетико Мадрид имаше стравичен пад во натпреварот против Депортиво ла Коруња на „Риазор“ во четвртокот. По воздушен дуел со домашниот фудбалер Алекс Бергантинос, Торес удри со глава на тревникот и првичниот впечаток беше лош.

Меѓу првите што притрчаа на помош беше Хрватот Шиме Врсаљко кој му го извади јазикот, лекарите го вратија во живот на терен, а актерите на натпреварот не можеа да задржат солзи од глетката.

Торес доби поддршка од целиот свет. Колегите му посакаа опоравување што се случи побрзо од очекуваното. По 24 часовен престој во болница, Фернандо излезе со насмевка на лицето, но ќе мора да мирува 48 часа што значи дека го пропушта мечот на Атлетико Мадрид против Валенсија утре попладне (16.15 ч.) на „Висенте Калдерон“.