Од:

Фудбал: Вардарци во Австрија ќе чекаат ривал во ЛШ

Фото: fkvardar.mk

Македонскиот фудбалски првак Вардар пристигна во австриски Бад Тацмандорф каде ќе продолжи со подготовки, воигрување на екипата и тестирање на потенцијални засилувања за новите летни евро предизвици и за претстојната сезона во домашната сцена. „Црвено-црните“ попладнево ги забележаа првите работни часови, дневната доза од утре ќе биде дуплирана, а меѓу двата тренинга ќе бидат фокусирани и кон Нион каде во 12 часот ќе биде извршена ждрепка за двојките во второто квалификациско коло за Лигата на шампиони на УЕФА.

На експедиција од Скопје во текот на денот се приклучија Грузиецот Џамбул Џигаури и Ерменецот Тигран Барсегјан. Тренерот Гоце Седлоски и соработниците во стручниот штаб потоа ќе бидат во очекување на Бразилците Хуан Фелипе и Џонатан Боарето. По нивното доаѓање ќе недостасуваат уште шесте младински репрезентативци на Македонија (Бобан Николов, Дарко Велковски, Бесир Демири, Петар Петковски, Висар Муслиу и Игор Алексовски) кои по завршување на обврските со националниот тим на ЕП во Полска ќе се стават на располагање на екипата.

Фото: fkvardar.mk

Престојот во Австрија ќе биде искористен и за одигрување на неколку силни контролни средби, но и за проба на потенцијални засилувања како што е случај со Бразилецот Матеус Лима Круз (24) кој во наредните денови ќе се обиде да издејствува договор со македонскиот шампион. Ланската сезона ја мина во Сантош, а претходно сменил неколку бразилски средини како Луверденсе, Спорт Баруери, Гремио Баруери, Гварани, Спорт Ресифе, Операрио. Освен во неговата родна земја, Круз има настапувано и за албанскиот прволигаш Кукс.



Comments are closed.