Од:

Гаранција од 900.000 евра наместо притвор за Кочан

Со гаранција од речеиси 900.000 илјади евра Кривичниот суд го ослободи Сеад Кочан од притвор, потврдија од судот.

На Кочан му биле определени и мерки за претпазливост, како одземање на патната исправа и обврска еднаш неделно да се јавува кај службено лице во судот.

„Во решението, судија на претходна постапка наведе дека од приложените докази и по повторно одлучување, е на мислење дека постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се товари, а имајќи го во предвид неговото поведение од почетокот на оваа постапка до денес, судијата смета дека постои опасност од бегство, па од тие причини го прифати предлогот на одбраната за определување гаранција и мерките на претпазливост. Против ова решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд во рок од 24 часа, во однос на одбивањето на предлогот за притвор, а рок од три дена во однос на определената гаранција и мерки, притоа патната исправа на осомничениот веќе е одземена и е предадена на чување во овој суд до конечно одлучување. Предлогот за определување мерка притвор од причина осомничениот да влијае на сведоци или пак да го повтори делото е одбиен како неоснован“, пишува во соопштението на судот.

Во соопштението се вели и дека од Универзитетската клиника за кардиологија, до судот бил доставен доказ дека Кочан веќе четири дена бил хоспитализиран, а на 16.овој месец му бил вграден стент.

Кочан кој два месеци беше во бегство е првоосомничен во случајот „Труст“ на СЈО и се сомничи дека со фалсификувани документи добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.