Од:

Германија подготвува мини Маршалов план за Балканот

Германија наводно подготвила специјална програма за Западен Балкан, која би била компензација за долгото чекање за влез во Европската Унија, пишува српскиот весник Вечерње новости, повикувајќи се на дипломатски извори.

Весникот пишува дека дека Берлин подготвил „мини Маршалов план“ за Балканот кој во следните неколку години треба да ги крене економиите во регионот и тој предлог наскоро треба да се најде на масата на Европскиот совет во Брисел, кој би требало да го одобри и да одреди специјален фонд за балканските земји, што германскиот шеф на дипломатијата Зигмар Габриел го најави пред неколку дена.

Спомнатиот план е наречен „Берлин плус“ а парите за негова реализација би требало помеѓу останатите, да ги обезбедат Европската економска зона која ја сочинуваат сите земји членки на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка како и Европската асоцијација за слободна трговија ЕФТА, на која со наведените држави, и припаѓа и Швајцарија.

Една од целите е Западниот Балкан да се поврзе со инфраструктурни врски како автопати кои би ги споиле Србија и Босна и Херцеговина, или пак Белград и Тирана преку Приштина.

Планот е така да се „скокне“ неизвесниот период од следните неколку години во кој ЕУ, притисната од многубројните кризи, не планира да се проширува, но и намалување на тензиите во регионот.