Од:

Германското МНР одговори на „неумесните“ коментари на Иванов

– Се радуваме што претседателот Иванов по долго размислување дојде до вистинска одлука и се откажа од ставот на блокирање. Обвинувањата упатени кон германски дипломати и други пријателски држави се неумесни. Како што е познато, проценките кои ѝ се пренесуваат на земјата-домаќин, секогаш се договараат во тесна координација меѓу Министерството за надворешни работи и Амбасадата, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи на Германија во врска со изјавите на Претседателот Иванов за амбасадорката на СР Германија во Скопје Кристине Алтхаузер.

Иванов синоќа во интервју за ТВ Нова го коментираше соопштението од германското МНР и тврдеше дека тоа е резултат на дезинформирање на владата во Берлин од страна на амбасадата во Скопје.

– Такво соопштение да даде германското МНР покажува дека германскиот амбасадор тука се служи со лажни вести. И не е првпат, и за бегалската криза имавме иста ситуација, па канцеларката Меркел мораше јавно да се извинува во Брисел за неточните податоци кои ги добивала од нивната Амбасада тука, рече Иванов.