Од:

Гевгеличани в недела: ЗА или ПРОТИВ рудници на Кожуф

Повеќе од 19 илјади жители на општина Гевгелија, во недела на 37 избирачки места ќе се изјаснат за или против отворање на рудници за металични минерални суровини на Кожуф.

Со делење флаери и брошури, од страна на здруженијата, но и советниците во тек е кампањата на граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ со кои се укажува на штетноста од доделување концесии за експлоатација на минерални суровини на Коњска река и Коњско на Кожуф.

На последната седница на Советот на општина Гевгелија, советниците од сите политички партии се заложија за директно вклучување во кампањата и ќе агитираат да се гласа против доделување концесија.

На масовност на престојниот референдум повика и градоначалникот на општината Иван Франгов, кој вели дека со граѓанското изјаснувањеќе се стопира постапката уште пред да се почне да се гради нешто на Кожуф“.

Тој на последната последната седница посочи дека „нема потреба од паника“.

-Ние имаме компаративни предности, за многу повеќе вработувања во многу други гранки и области со тоа што се отвараат перспективите на општина Гевгелија. И за 30 години концесија за некој рудник да плаќа надоместоци, за потоа илјада години Гевгелија да биде иселена и завиена во црно, не ни треба, изјавил Франгов пред гевгелиските советници.

Референдумот се одржува на иницијатива на „Спас за Гевгелија“ кое подолго време алармира за последиците од отворањето на рудници на Кожуф. Прашањето е: Дали сте ЗА или ПРОТИВ изградба на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија?