Од:

Гинеколог од Прилеп осомничен за смрт на родилка

Шест месеци по смртта на 21 годишната Симона Блажеска, Основното јавно обвинителство од Прилеп денеска до Судот поднесе обвинителен предлог против Г.О. лекар специјалист гинеколог во Општа болница „Борка Талески” во Прилеп. На обвинетиот му се става на товар дека сторил кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето .

Според обвинителниот предлог, на 18 февруару оваа година, во просториите на болницата, осомничениот при породување на сега починатата родилка Блажеска од с. Беровци – Прилеп, несовесно постапувал.

„При приемот во одделението, осомничениот не презел соодветни дејствија и навремено не интервенирал при породувањето и во периодот по породувањето. Како резултат на ненавремено преземање на соодветни дејствија здравствената состојба кај сега починатата нагло почнала да се влошува заради големото губење на крв, па осомничениот решил да преземе оперативен зафат кој бил безуспешен и не можело да се спречи понатамошното крварење.“, пишува во обвинителниот предлог на ОЈО Прилеп.

И покрај сите преземени дејствија од страна на лекарите анестезиолози во рамки и во согласност со протоколите и објективната здравствена состојба, пациентката починала како резултат на хеморагичен шок настанат заради обилното крварење, соопштија од Јавното обвинителство.

Родилката утрото на 18 февруари била примена во болницата, а нешто пред 14 часот родила здраво машко дете. Во добра здравствена состојба била префрлена на акушерскиот оддел. Но, неколку часа подоцна се пожалила на болки, а по настанатите компликации и обилното крварење, родилката починала 1 час по полноќ.

Роднините бараа истрага, дали се преземни сите мерки за да се спаси нејзиниот живот и што се случило со младата мајка, на која тоа и било второ продување. Веднаш по смртта на младата родилка, и семејството најави дека ќе бара одговорност од лекарите во болницата.

Од прилепската болница тогаш се правдаа дека породувањето течело нормално, а младата
мајка ја породил гинеколог кој ја следел нејзината бременост и бил повикан од дома.
По настанатите компликации, биле преземени сите мерки но пациентката почина,
изјавија од болницата.