Од:

Градоначалниците без конкретни мерки за воздухот, бараат решенија

Денешната средба по иницијатива на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, на 18 градоначаланици од Скопскиот плански регион резултираше само со дискусија околу големата загадаеност на воздухот.

Како што соопшти по средбата Трајановски, тие разговарале за повеќе начини на кои би можел да се намалува загадувањето, додека истовремено “таткото на главниот град“ повика да не се политизира темата и централните, локалните власти и граѓаните да соработуваат.

Градоначалниците разговарале за проширување на топловодната мрежа во Скопје, намалување на цената на парното греење, субвенционирање на греење на пелети на локално ниво, субвенционирање на други видови на греење за кои општините ќе изработат елаборати, изградба на велосипедски патеки и слично.

– Разговаравме за можноста Градот Скопје, општините и централната власт да субвенционираат проширување на топловодната мрежа и вклучување на домаќинствата кон топловодната мрежа, како и за можноста сите станови во една станбена зграда без исклучок да бидат приклучени на мрежата за парно греење.

– Воедно апелирам до БЕГ и до „Елем Енергетика“ да размислуваат за намалување на цената на парното греење, за што со нив ќе разговараме на официјална средба. Со моите колеги градоначалници зборувавме да се вклучат во субвенционирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети, како и да се изготви правилник за користење цврсти горива со кој во догледно време ќе се забрани употребата на нафта, јаглен и други недозволени материјали за затоплување на домаќинствата.

– Разговаравме за можноста општините да субвенционираат други видови загревање во домовите за што тие ќе направат анализа, како и можноста општините да се вклучат во субвенционирањето велосипеди и во изградбата на велосипедски патеки на улиците коишто се под нивна надлежност.

– Со формирањето на новата Влада очекуваме итно да се објави тендерот за гасификација на Скопје. Од микромерките кои секојдневно ги спроведуваме ќе споменам дека ќе ги интензивираме контролите кај инсталациите кои подлежат на Б-интегрираните дозволи, а општините ќе ги контролираат помалите капацитети кои подлежат на Елаборатите за заштита на животната средина. Продолжуваме и со прскање на градските сообраќајници со средството калциум магнезиум ацетат, за контрола на ситната прашина, рече Трајановски.

Одговарајќи на новинарските прашања за конкретизирање на мерките за справување со овој горлив проблем, Трајановски посочи дека тие еднаш побарале, а сега ќе го повторат барањето до МВР, Министерството за здравство и Министерството за животна средина за возење “пар-непар“, и посочи дека нивните ингеренции како власт се лимитирани.

Македонија петта во Европа по загаденоста на воздухот

И додека надлежните остваруваат средби, полемизираат па даваат пораки и слично, експертите од оваа област неодамна на отворена трибина, зборувајќи на истата тема, објавија дека Македонија е петта во Европа по загаденост на воздухот.

Во Македонија на годишно ниво има 900 до 1.000 смртни случаи кои се поврзуваат со квалитетот на воздухот кој го вдишуваат, а во пораст се и малигните заболувања.

За в среда најавен е протест на граѓани и активисти организирани преку социјалните мрежи кои бараат воведување пар-непар возење, забрана за движење на возила кои се без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, зголемен број на инспекции, обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се греат на гуми како и привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети.

Протестот ќе се одржи во 17 часот во Градски парк.



Comments are closed.