Од:

Граѓаните бараат да се стопира „Панорамското тркало“

Повеќе од шест илјади граѓани се потпишале на петицијата наречена „Стоп за Панорамското тркало“. Граѓаните на Скопје бараат да се стопира големиот објект кој ќе чини околу 20 милиони евра и дополнително ќе го промени лицето на градот.

„Го направивте Скопје Дизниленд, не се диши, не се живее“. „Има многу понеопходни работи од поставување таков кич. Гасифицирајте го Скопје, спасете некој живот“. „Со тие пари може да се реши загадувањето во Скопје“.

Ова се дел од коментарите на онлајн петицијата која Скопјани се помасовно ја потпишуваат и се шири на социјалните мрежи. Граѓаните бараат итно запирање на сите подготвителни работи околу изградбата на контроверзното панорамско тркало, како и стручна и надпартиска анализа на овој проект.

„Сметаме дека во услови на продолжена економска криза и енормен степен на сиромаштија, вакви проекти немаат оправдување, ни од економска, ни од морална гледна точка“, се вели во петицијата, која шест ипол илјади граѓани веќе ја потпишале.

„Безобразно арчење на парите на граѓаните“

Панорамското тркало нема никаква економска логика и исто како и целиот проект наречен „Скопје 2014-та“ е безобразно арчење на парите на граѓаните, вели поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев.

Според него, најстрашно е што парите за тркалото не се заработени од економијата туку тие пари се од скапите кредити кои ги позајмува власта која се повеќе го ѕида јавниот долг и ја задолжува државата.

 

„Секој ден имаме вести како граѓаните страдаат за парче леб, немаат кров над главата, нема електрично напојување, нема греење за детски градинки училишта, нема здрава вода за пиење, фекалиите се мешаат со вода за пиење, имаме вести за канцерогени води во Гевгелија, загадување на езерата… Ништо од тоа не е приоритетно за оваа власт туку ова тркало“, вели Гошев за НОВА.

Претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска вели дека петицијата на граѓаните покажува дека Скопјани не сакаат да се изгради Панорамското тркало.

„Петицијата ја докажува нетранспарентноста за одлуката за градба на овој објект. Панорамското тркало не е само декор и туристичка атракција туку ќе влијае врз знаковноста на градот и треба на високо стручен начин да се испита каде и како ќе се постави. Во моментот, одговорно тврдам дека неговото место не е таму каде што е предвидено. Фактички е конкурентен на Калето, кое е симбол на Градот, не можете да ставите една таква мега челична структура во непосредна близина на Калето, тоа е некомпатибилно, се работи за два различни света на премногу кратко растојание“, вели Павловска.

За Павловска друг важен аспект е загрозувањето на коритото на реката Вардар за што треба согласност од ИЗИС и од други специјализирани компании за регулации на реки и институции.

Панорамското тркало треба да биде поставено во центарот на градот, во близина на Камениот мост. Досега овој проект веќе е предвидено да чини околу 20 милиони евра и покрај првичните најави според кои требаше да чини околу 12 милиони евра. Според дата базата на Призма за „Скопје 2014-та“, изготвувањето на проектот и е доверенo на австриската компанија „Hotelconcept GmbH“, според идејното решение на „Massabni architects GmbH“, исто така од Австрија.

Проектот од Град Скопје пред три години го презеде Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП, но финансирањето се прави преку повеќе јавни институции кои прават донации од државниот буџет за ЈСП да го изгради објектот.

На пример, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во 2014-тата година, донираше еден милион евра на ЈСП-Скопје за изградбата на тркалото.

„Панорамското тркало“, ќе има дијаметар од 57 метри, а целиот објект ќе биде висок 73 метри над реката Вардар, со 30 кабини и придружни објекти како кафетерии и сувенирница. Според најавите, објектот ќе има капацитет од 300 луѓе.