Од:

Граѓаните чекаат на постојките, а автобусите на ЈСП доцнат по цел час

Речиси еден час десетина премрзнати граѓани на автобуската постојка спроти владата чекаа да дојде автобусот со број 15а.

Овој автобус кој редовно тргнува од Карпош во 16.30 часот, пред влада доколку нема гужва во сообраќајот стигнува за 10 минути, а ако има метеж и за 20 минути.

Денеска, овој автобус го немаше. Во 17.20 една од патничките што го чекаше автобусот се јави во Јавното сообраќајно претпријатие и праша кој е проблемот и зошто автобусот доцни, од таму и одговорија дека имало некаков протест и поради тоа автобусот доцнел, но другиот веќе бил кај Зоолошката градина и наскоро ќе пристигне на постојката.

Денеска протест немаше, но еве и да имало некаков протест, најавено е дека сите автобуси на ЈСП имаат џи-пи-ес локатори и доколку има застој во возната линија на некој автобус, надлежните би требало да ги известат граѓаните преку веб страницата, затоа што, тоа е една од придобивките на интернетот.

„Чекаме веќе еден час. Температурите се ниски, а воздухот загаден. Ако вака планираат да го поттикнат користењето на јавниот превоз, ова е сосема погрешна тактика“, коментираа граѓаните кои чекаа на постојката.

Меѓу граѓаните, а и на социјалните мрежи се почести се коментарите од граѓаните дека автобусите на ЈСП доцнат или пак прескокнуваат возни термини, затоа што членовите на политичките партии ги возат на митинзи.

Во политичка кампања, пракса на ЈСП е своите автобуси да ги изнајмува на политичките партии за своето членство да го возат до локацијата каде што се одржува митингот. Ова не е незаконски, ако ЈСП за тоа си наплати пари од партиите, но како и да е, ако нема доволно автобуси, претпријатието е должно на својата страница на интернет да ги извести граѓаните за новиот возен ред.

Останува од ЈСП да одговорат на прашањата зошто денеска автобусот 15а доцнеше речиси еден час и зошто за ова не е поставено никакво известување до патниците? Со колку автобуси располага моментално претпријатието, а колку се изнајмени на политичките партии? Дали сите автобуси на ЈСП имаат џи-пи-ес локатори и колку пари претпријатието заработило од изнајмувањето на автобусите во оваа кампања?

НОВА овие прашања ги испрати до портпаролката на ЈСП, но досега не добивме одговор.