Од:

„Груевски би сакал да биде Путин, но не може”

Државата не може да ги забрани или регулира странските средства за невладините организации по примерот на Путин, затоа што најголем „странски агент“ е Македонија која прима стотици милиони долари преку разни фондации за свои потреби, велат аналитичарите за НОВА.

„УСАИД со два милиони долари ќе им помага на стопанските комори“, „Холандија донира медицинска помош вредна повеќе од 500.000 евра“, „Донација од Германија за училишта во Штип“. Овие наслови се дел од секојдневието во македонските медиуми. Соопштенијата од странските фондации кои со донации за реновирање на училишта, градинки, болници и други базични потреби кои во нормални услови би биле одговорност на самата држава, речиси секој ден ги полнат сандачињата за мејлови на медиумите.

Во пресрет на прогласот кој претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го прочита пред ДИК во кој тој најави дека ќе се бори „за десоросоизација на РМ и регулирање на работата на фондациите и невладините организации“, се поставува прашањето каква регулација планира Груевски за НВО доколку неговата партија е дел од следната Влада.

Дојче веле вчера цитираше анонимен извор кој потврдил дека постојат планови во ВМРО-ДПМНЕ да се забранат странско финансирање на домашни невладини организации. Новиот закон се верува дека е сличен на Законот за странски агенти кој беше донесен по предлог на Владимир Путин во Русија.

Во земјава не е прв пат да се повикува на регулацијата на странските финансии кои се донирани во домашните невладини организации. Провладините колумнисти и ТВ водители со години „апелираа“ и ја охрабруваа владејачката партија да ги забрани странските фондации и да ги означи македонските НВО како странски агенти по примерот на Путин.

Веднаш по прогласот на Груевски за „десороизација“, десетина познати невладини организации кои работат со години деновиве беа предмет на инспекции.

Државата како најголем „странски агент“

Но како би ја извел ваквата забрана Никола Груевски во Македонија, која самата прима стотици милиони евра во донации токму од странските фондации за своите обврски?

Поранешниот дописник од Москва за Нова Македонија, Мирче Адамчевски, за НОВА вели дека Македонија не може да забрани или да ги регулира странските пари по примерот на Путин, затоа што најголем „странски агент“ е самата држава.

„Таа има примено стотици милиони, па и милијарди долари преку разни странски фондации. Тогаш Македонија ќе треба самата да се прогласи за странски агент. Груевски е во надолна линија, прашање на денови е неговиот опстанок, тој можеби сака да биде моќен како Путин, но не може да биде. Желбата му е да биде и суетата му е потхранувана, но тој е далеку од Владимир Путин“, вели Адамчевски.

Груевски во прогласот најави дека регулацијата за граѓанското општество би била како во други „демократски земји“ и слично било најавено и во Русија.

„И во Америка има слични закони, но не се тие закони како што е законот во Русија. Дури Русите додека го подготвуваа тој закон, се повикуваа на американското искуство, но воопшто во реалноста не излезе така. Десетици невладини се прогласија за странски агенти и десетици се затворија. Логиката е да се замолчат сите невладини организации кои ја критикуваат власта“, додава Адамчевски.

Според аналитичарот Сашо Клековски изјавата за зголемена контрола на финансирањето на здруженија на граѓани и фондации е во целосна спротивност со изјавата дека ВМРО-ДПМНЕ е најголем сојузник на ЕУ и САД и евро-атланските интеграции бидејќи се работи за партнерства и финансирање токму од тие земји.

Фото: Дојче Веле

„Не гледам било каков проблем ако пријателски влади и сојузнички влади и организации финансираат организации во Македонија. Дополнително проблемот се преувеличува бидејќи во Македонија има над 10 илјади организации и многу малку од тие се финансираат од странски фондации, а се создава фама дека којзнае колку пари има. Со Законот за здруженија и фондации е точно уредено кои активности се забранети а кои дозволени. Таа најава е неспроведлива како и неуставна“, додава Клековски.

Какви се руските закони за невладините организации?

Рускиот закон за странски агенти со кој се регулираат активностите на невладините организации бара од сите невладини организации кои примаат странски донации и се вклучени во „политичка активност“ да се регистрираат како странски агенти. Невладините кои учествуваат во политички активности на нивните веб сајтови и публикации мораат да стават етикети со зборовите „странски агенти“.

Законот е донесен во 2012-та година а стапи на сила следната година по предлог на Владимир Путин. Тој при усвојувањето изјавил „Секое директно или индиректно мешање во нашите внатрешни работи, било каков притисок врз Русија или нашите сојузници и партнери се неприфатливи“.

Законот од меѓународните организации но и независните активисти беше оквалификуван како најсилен удар врз граѓанското општество и е дел од стратегијата да се замолчат критичарите на Путин.

Според Гардијан, сите невладини организации мора да поднесуваат дополнителни годишни финансиски ревизии и да објавуваат повеќе извештаи за нивната работа. Индивидуалците кои ќе го прекршат законот може да се соочат со три години затвор и казни од околу шест илјади фунти, додека нивните организации може да добијат и казни од 13 илјади фунти.

Многу од најпознатите руски невладини организации како „Транспаренси интернешнл“, организацијата за набљудување на избори „Голос“ и еколошката организација „Гринпис“ се потпираат на странски грантови за да можат да работат во земја која ги гледа како непријатели, пишуваа медиумите.

Законот исто така ги отежнува околностите за некоја невладина да се регистрира и власта може да се вмеша во внатрешните работи на НВО-то со разни казни и до шест месеци. До годинава листата на активни „странски агенти“ вклучувала 105 НВО. Од тие само пет организации доброволно се согласиле да се регистрираат како странски агенти, додека најмалку 20 невладини организации целосно сами се затвориле поради законот.

Во 2015-та донесен е уште еден закон како дополнување на претходниот закон, повторно по желба на Владимир Путин. Законот за непожени невладини организации им дава на обвинителите моќ невладините организации и странските агенти кои не се пожелни да ги затворат.

Според ABC, руските власти го обвинија НАТО дека се обидува да ги поткопа интересите на земјата и ги гледа внатрешните критики кон власта како работа на шпиони и предавници.

Досега како непожелни невладини организации во Русија под водство на Путин се прогласени: Националниот Фонд за демократија (НЕД), Институтот отворено општество (Сорос), Руската фондација за економски развој и владеење на правото, Националниот демократски институт за меѓународни прашања, Интернационалниот Републикански институт (ИРИ) и Инвестицискиот фонд за равој на медиумите. Дел од овие организации работат и во Македонија.