Од:

Груевски на судење за шамарите и насилствата во Центар

По неколку месеци денеска во Основниот суд Скопје ќе се одржи рочиште во врска со насилствата и демолирањето на Општина Центар и нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година.

Во предметот што го покрена Специјалното јавно обвинителство врз основа на материјалите од „бомбите“обвинети се екс премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, екс министерот Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и за други лица.

Последен пат кога Жерновски и Груевски се соочија во судница беше на 22 февруари на подготвителното рочиште, кога обвинителките на СЈО Јанева и Фетаи беа казнети со по 2.000 евра поради непочитување на судот.

На рочиштето на 10 март годинава, обвинетите не се појавија.

На 15 септември 2016, Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против Груевски, Јанакиески и уште три други лица кои се товараат за нарачување на насилството во општина Центар. Поднесена е и кривична пријава за уште 9 други лица за извршување на нарачаните кривични дела во јули 2013 година.

Според СЈО, првообвинетиот Груевски, во случајот кој беше обелоденет во една од „бомбите“, е нарачател на насилството, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на општинскиот совет. Жерновски по одлагањето на првото рочиште, во ноември, го повика Груевски да покаже колку е навистина храбар.

Одложувањето на првото рочиште, од 21 ноември за 16 декември (2016), беше побарано од одбраната на осомничените, односно од адвокатот на обвинетите Никола Додевски, поради други обврски на осомничениот  Јанакиески.

Случајот произлезе од една од „бомбите“ каде тогашниот премиер Никола Груевски, во разговор со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски  нарачува и договара протест пред општина Центар во наводна одбрана за рушењето на новата црква, при што дел од донесените граѓани треба да влезат во салата на Советот и, пред сите советници и медиуми, да му “врзат три-четири јаки шамари” на тукушто избраниот градоначалник на општина Центар.

-У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само, се слуша на аудио материјалот што во април годинава го објави СДСМ, тврдејќи дека се работи за разговор меѓу тогашниот премиер Груевски и министерот за транспорт Јанакиески.