Од:

Груевски со „мега“ умилкување кон Албанците

Доближување и омекнување на реториката кон Албанците со цел да се подготви атмосфера за формирање нова Влада со ДУИ. Вака аналитичарите го коментираат „мега“ интервјуто на Никола Груевски каде еуфорично ги набројува сите проекти кои неговата партија ги направила за Албанците во Македонија.

„Како што се борам за Македонците кога се на мака, така се борам и за Албанците. Никогаш не сум ги двоел. Сѐ друго е пропаганда. Лажна и валкана политичка пропаганда на неспособни луѓе“.

Вака Груевски го опишува неговиот однос кон Албанците во Македонија во мега интервјуто распослано засега во три дела дадени за провладината „Република“. Со голем ентузијазам, Груевски на долго и широко ги опишува многубројните проекти кои неговата партија ги направила за Албанците во земјава, за разлика од СДСМ.

Закон за употреба на знамињата на етничките заедници, прв универзитет на албански јазик, други нови албански универзитети, Закон за употреба на јазиците, Закон за амнестија, Закон за администрација и правична застапеност на етничките заедници…Сите овие придобивки и многу повеќе, според Груевски се направени од ВМРО-ДПМНЕ се со цел Албанците во Македонија да имаат подобар живот.

Но од каде толкаво омекнување на реториката од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која постојано пред и по изборите говореше дека Македонија е на пат кон федерализација, двојазичност, кантонизација…

„Колку што знам, токму во време на ВМРО-ДПМНЕ се донесе Закон за употребата на јазиците, а не во време на СДСМ, а за уставните амандмани во овој правец заеднички гласавме во 2002 година“, вели Груевски во мега интервјуто.

За аналитичариот Рамадан Рамадани ова интервју е правено по нарачка на ДУИ, за да се омекне презирот кон ВМРО-ДПМНЕ кое е присутно кај сите Албанци и кај членовите на ДУИ.

Фото: Инбокс7

„Ова е потребно за да можат да почнат да преговараат за соединување во некаква Влада. Сепак кај Груевски има други работи кои со никакво интервју и ублажување не може да се тргнат. Прво со албанофобијата која постојано ја прави преку медиумите и втората работа е кандидирањето за пратеник на некој кој е осуден од Меѓународниот суд во Хаг за убиство на Албанци“, вели Рамадани.

Додворување и подготвување терен за коалиција

Професорката Гордана ПопСимонова коментира дека Никола Груевски сака да му се додвори на Ахмети и да го амортизира впечатокот за себе како хардкор националист, па сега детално, педантно и минуциозно ги набројува сите отстапки на неговата влада во корист на ДУИ.

Фото: Бриф

„Истиот тој само пред еден месец водеше шовинистичка кампања против Заев, обвинувајќи го за федерализација, за тајни отстапки кон Албанците, за воведување двојазичност, за продажба на државата, за пректот „Албанизација на Македонија“, сега мртов ладен, без око да му трепне, во второто непотпишано продолжение од интервјуто на неговиот магазин Република, излезе со став дека токму неговата партија најмногу придонела за унапредување на правата и за исполнување на барањата на Албанците во Македонија“, вели ПопСимонова.

Според аналитичарите, ова омекнување на реториката е логично со оглед на тоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ има една прилично неизвесна иднина.

„Овие денови треба да се реши прашањето кој ќе ја состави Владата и со самото тоа и консеквенците кои ќе следат како лично по раководството на партијата, заради чие поведение се формираше СЈО, така и иднината на државата. Од таму, мотивите за ова доближување до Албанците и вадењето на инвентарот за тоа што се е направено во минатото е во функција на придобивање на партнери на Владата“, вели аналитичарот Денко Малески.

Според него, албанската страна е ставена на притисок како од домашната јавност, која не е расположена кон Груевски така и од меѓународната. „ Бидејќи раководствoто на ДУИ е исто така инволвирано во оние обвиненија кои излегоа од снимените материјали, тие се меѓу два огна – од една страна личната судбина, од другата страна меѓународниот притисок. Ќе видиме што ќе преовлада“, додава Малески.

Продолжува демонизацијата на НВО секторот

Во трите дела од мега интервјуто, Груевски речиси постојано говори за Џорџ Сорос и неговото влијание во земјава. За него, тој е светски моќник кој постојано прави проблеми во земјата. Работи против ВМРО-ДПМНЕ, а го поддржува СДСМ и го контролира речиси целиот граѓански сектор кој итно мора да се „десоросоизира“. Како главна мерка на овој план за ослободување од канџите на Сорос, Груевски најавува дека државата треба да одвои посериозни финансиски средства за невладиниот сектор.

„Мора да се најдат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Не смее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади. Нека работи и нека инвестира Сорос во НВО, но активистите на НВО мора да имаат и други извори на финансирање“, смета Груевски.

Дали ова е најава за одвојување на големи државни пари, за правење контра-граѓански сектор кој нема да биде многу склон кон критики на власта? Според Уранија Пировска од Хелсиншкиот Комитет за човекови права, десоросоизацијата е веќе започната со финансиските контроли кои беа паралелни со говорот на Груевски пред ДИК.

„Имаме најава дека инспекциите ќе продолжат после празниците. Паралелните граѓански организации секогаш се појавувале во јавноста по нарачака на ВМРО-ДПМНе, не би ме изненадило одеднаш да излезат и други многу нови, кои ќе фуинкционираат како пандан на автентичните невладини организации“, вели Пировска.

За Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование, државата требаше и досега да го зголеми финансирањето на граѓанските организации и тоа и самиот НВО сектор го бара подолго време.

„Сепак, се плашам дека основната цел на оваа најава и зајакнување на структури како ГДОМ и други провладини групи кои сега би биле финансирани од сите нас за да ја фалат власта. Тоа е вистинска автократска идила и нема никаква врска со граѓански активизам, граѓанско општество и демократија“, додава тој.