Од:

Гужви на Онкологија, пациентите со карцином во ред за цитостатици

Редици од пациенти уште од раните утрински часови пред шалтерот на Клиниката за онкологија. Стигнаа цитостатици за болните од рак и најтешко болните кои со месеци беа оставени без неопходните лекови побрзаа да земат, во страв да не останат повторно без терапија.

„Чекав од утринава и успеав да земам терапија за моја блиска роднина. Но жената пред мене не успеа да земе, немаше од нејзиниот лек“, изјави за НОВА еден од луѓето што чекаа пред шалтерот на Клиниката за онкологија.

Некои од пациентите чекаа сами, за други беа нивни блиски роднини. Најтешко болните дојдени од сите страни на државата, ходниците беа полни со луѓе од Кочани, Куманово, Прилеп. Сите чекаат да добијат од неопходните цитостатици без кои лекувањето е невозможно.

Новиот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев за НОВА вели дека со тендерот кој бил распишан претходно стигнале 20 лекови за разни типови карцином, така што пациентите нема потреба да стравуваат дека ќе останат повторно без лекови.

„Со тендерот кој беше распишан претходно, уште пред да бидам назначен за директор стигнаа 20 од вкупно 22 лека. За еден од лековите кој се дава за карцином на простата  не се јави никој на тендерот така што сега ќе распишеме итна набавка и за десеттина дена се надеваме дека ќе го добиеме лекот. Вториот лек кој не го добивме за карцином на дебело црево ќе го имаме во среда, но за него има замена. Пациентите не треба да стравуваат бидејќи со новиот тендер лекови ќе има за цела година. Гужвите пред шалтер се обидуваме да ги намалиме со бројчиња, така што пациентите се чувствуваат посигурни така дека ќе бидат повикани и ќе дојдат на ред“, изјави Васев за НОВА.

Тој нагласи дека  се работи за поевтини, често употребувани лекови, а поскапите веќе ги имаат. На пациентите им порача дека цитостатици ќе има континуирано, како ќе се трошат во клиничката аптека така ќе се порачуваат од добавувачите.  

На Клиниката за онкологија цитостатици немаше во изминатите 3-4 месеци. Оперирани пациенти со колоректален карцином на дебелото црево често се жалеа дека нема како да се лекуваат. Лекарите апелираат дека кај овие пациенти, а и кај пациенти со карцином на другите органи, многу е важно терапија да се зема редовно бидејќи во спротивно болеста напредува.