Од:

Гвардиола по дебаклот на „Камп Ноу“: Се беше готово по црвениот картон

Менаџерот на Манчестер С. како пресуден момент на средбата го издвои исклучувањето на голманот Клаудио Браво  

Исклучувањето на Клаудио Браво, според Пеп Гвардиола, било пресудно за дебаклот што Манчестер Сити го доживеа од Барселона на „Камп Ноу“. Српскиот арбитар Милорад Мажиќ го исклучи голманот на „граѓаните“ во 53 минута поради играње со рака надвор од казнениот простор. Каталонците во тој момент имаа 1:0 од првото  полувреме.

 „Разговарав со него. Разочаран е, но тоа е дел од играта. До тој момент бевме конкурентни на теренот против еден извонреден тим. Се беше готово по црвениот картон“, коментира менаџерот на Сити.

Манчестер С. сега е во серија од четири меча без победа, по два во Премиерлигата и во Лигата на шампиони.

 „Секој наш меч по гостувањето кај Селтик е ист. Вака беше и против Евертон. Промашивме два пенала, си дадовме автогол. Мора да ја менуваме атмосферата“, порачува Гвардиола.

Тимот од „Етихад“ е втор на табелата во групата Ц во ЛШ со 4 бода, само еден повеќе од Борусија Менхенгладбах која опасно се приближи по синоќешната победа над Селтик.

 „Бевме во натпреварот, бевме присутни, правевме пресинг, имавме посед на топката, создадовме шанси меѓутоа не ги искористивме. Мора да ги користиме ако сакаме да победуваме“, вели Шпанецот.