Од:

Хановер се подготвува за евакуација на 50,000 граѓани

Околу 50.000 граѓани на германскиот град Хановер утре ќе бидат евакуирани од делот од градот каде што експертите за бомби ќе се обидат контролирано да деактивираат бомба од Втората светска војна, пишуваат германските медиуми.

Во втората ваква најголема операција во историјата на Германија ќе биде евакуирана една десетина од населението а целосно ќе бидат испразнети седум старечки домови, една болница, како и фабриката за автомобилски гуми „Континентал“.

Градските власти во Хановер се надеваат дека целата операција што ќе почне во 9 часот изутрина ќе заврши во текот на денот, по што граѓаните ќе можат да преноќат во своите домови. Во прогласот до граѓаните се бара тие со себе да ги земат личните медикаменти и да го прекинат доводот на струја и гас до своите домови, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Германската аганеција ДПА пишува дека со цел да се олесни евакуацијата властите подготвиле илјадници пакети со храна, а за време на евакуацијата во безбедните делови на градот ќе бидат организирани музејски тури, прикажување на детски филмови и спортски настани.

Градот Хановер е еден од најоштетените градови од бомбардирањата на сојузничките сили на крајот од Втората светска војна. Само на 9 октомври во Хановер загинале 1.245 лица, а околу 250.000 ги загубиле домовите во нападите на сојузничката авијација.

Досега најголема евакуација заради бомба од Втората светска војна се случила во градот Аугсбург, каде лани за Божиќ поради експлозивна направа тешка 3,8 тони што беше откриена за време на градежни работи беа евакуирани околу 54.000 лица