Од:

Холандија избра селектор: Дик Адвокат доби трет мандат на кормилото

Фото: football-oranje.com

Дик Адвокат по третпат се враќа на кормилото на фудбалската репрезентација на Холандија. Функцијата, според најавите, ќе ја преземе на крајот на сезоната по завршување на обврските кон Фенербахче чиј тренер е во моментот. Негов асистент во работата со националниот тим ќе биде Руд Гулит.

Адвокат доаѓа на местото на Дени Блинд кој доби отказ поради лошите резултати во квалификациите за Светското првенство во Русија. Со холандскиот фудбалски сојуз потпиша договор до крајот на мундијалскиот циклус со можност за продолжување на соработката до наредното лето во случај „лалињата“ да успеат да се пласираат на завршниот турнир.

Мандатот во репрезентацијата, овојпат, ќе биде најтежок за него. Го добива во многу незгоден момент и со задача за корекција на пропуштенотото во досегашните настапи во групата A. Холандија е четврта на табелата со седум бода од пет меча. Лидер во конкуренцијата е Франција со 13 победа пред Шведска со 10 и Бугарија со 9.

Со денешното именување, Адвокат стана највозрасниот селектор во историјата на Холандија. Во минатото ги водеше и селекциите на Србија, Русија, Јужна Кореја, Белгија и Обединетите Арапски Емирати, а на клупски план работеше и во Сандерленд, ПСЖ, Глазгов Ренџерс, Борусија Менхенгладбах, Зенит Санкт Петербург, АЗ Алкмар, ПСВ Ајндховен.