Од:

Хуманитарна забава за скопската Зоолошка градина во Клубот Сектор 909

На 21.јуни во среда, летниот ноќен клуб „Сектор 909“ по две години пауза, повторно ќе ги отвори вратите за својата публика.

Според традицијата, забавата ќе има хуманитарен карактер, како и предходните отворања на летниот клуб.

Собраните средства од хуманитарната забава ќе бидат наменети за скопската Зоолошка градина. Сектор 909 во 2012 година на Зоолошката градина и го донираше пони коњчето Флекица, дресирано за помош и релаксација на деца со аутизам, кое исто така можат да го јаваат сите деца кои ќе посакаат.

Веќе следната година клубот успеа да собере средства и да донира комплетна опрема за децата да можат да уживаат заедно со Флекица.

Ова е трето отворањето на летниот клуб, кој се наоѓа на старата локација под скопското Кале, а за потребите на Сектор 909 изграден е за првпат изолационен ѕид за акустична заштита, извршени се посебни мерења за децибелажа и специјална звучна бариера, со други зборови од полноќната музика ќе бидат заштитени сите засегнати од непосредната околина.

На хуманитарната забава, чиј влез чини 150 денари ќе настапат препознатливи македонски артисти како Гоце САФ, Соња Исмаил, Дарко Марковски и Кантон 6 (Мирко Попов и Синиша Евтимов.

Веќе во четрток закажана е забава со дј Чваре и Nonaduzz. Во петок ќе настапат Маци и Узун Баба, а во сабота ќе настапи и првиот гостин од странство за оваа летна сезона, Takasi Nakajima/Different World од Јапонија, со локална поддршка од Самоил Радински од Логос рекордс.

Јапонецот Takasi Nakajima кој со музичка продукцијаи се занимава од 1994 година, ги има едни од најпрефинетите и најразлични колекции на музика во Јапонија, пуштајќи музика од техно, хаус, даб до хип-хоп, фанк, соул, џез или која било црнечка музика.

– Хуманоста на дело, подигнувањето на свеста на македонската публика за поддршката на Зоолошката градина во моментов е неопходна и многу важна, затоа ајде да го направиме ова лето незаборавно, се вели во јавниот повик на Клубот.